Зоран Верушевски попладне излегува од притвор

0
1041
Зоран Верушевски, првообвинет во случајот „Пуч“ денеска излегува од притвор. Од скопскиот Кривичен суд известија дека денеска било доставено известувањето од Агенцијата за катастар и недвижности за заведен недвижен имот под хипотека во корист на Р. Македонија на обвинетите Зоран Верушевски и Ѓорѓи Лазаревски за кои кривичниот совет при судот донесе одлука за замена на мерката притвор со гаранција и определување мерки за претпазливост.
„По извршените проверки, судот, известувањето од Агенцијата за катастар и недвижности на Р. Македонија и правосилната одлуката на кривичниот совет, денеска ги достави до затвор Скопје, за да биде спроведена“, стои во соопштението од скопска единица.
Одбраната на Верушевски за 24 Вести вели дека административниот дел е завршен па очекуваат тој да биде пуштен од притворското одделение од затворот во Шуто Оризари денеска попладне.
Барањето за ослободување на ексразузнавачот Верушевски дојде откако Специјалното обвинителство, во одговор до судот, за барањето на неговите адвокати за укинување на притворот, предложило Верушевски да биде ослободен со кауција и да му биде определена мерка за обезбедување – да не го напушти живеалиштето, односно градот Скопје, како и одземање на патната исправа.