Засадени дрвца во Паркот на книгата на „Матица ексклузив“

0
1066

dennadrvotoMatica

Во рамките на акцијата „Ден на дрвото-Засади успех“ денеска беа засадени дрвца во Паркот на книгата на „Матица ексклузив“.

Како што соопшти Граѓанско здружение „Ден на дрвото-Засади ја својата иднина!“, писателите за деца и млади Стојан Тарапуза и Фејзи Бојку во оваа пригода читаа свои стихови пред учениците и наставниците од Основното училиште „Блаже Конески“ од Прилеп.

Заедно со писателите Трапуза и Бојку дрвца засадија и нивните колеги Раде Силјан, Паскал Гилески, Иван Чапоски, Блаже Минески, професор д-р Кристина Николовска и поранешниот претседател на Собранието на РМ, Стојан Андов.

На поетското читање, пред самиот чин на засадување на дрвцата,  се претставија и децата-поети од училиштето од Прилеп, а Фејзи Бојку освен на македонски, прочита и свои стихови на албански јазик.

Акцијата, како што се додава во соопштението, успешно се одвива во повеќе основни и средни училишта, детски градинки и домови на култура во Скопје и други градови.

Засадувањето дрвца во Паркот на книгата „Матица ексклузив“ беше предвесник на главната акција, која по 16 пат (осма година по ред), ќе се случи во среда, на 2 декември, со масовно засадување на садници низ цела Македонија. Мотото на оваа акција е „Засади успех“.