Заев: Доверливите материјали ќе бидат предадени кај Јанева откако ќе добиеме гаранција за соодветно чување

0
1215

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, потврди дека имаат материјали кои се доверливи, а треба да бидат предадени во специјалното јавно обвинителство, но тоа ќе го сторат кога државата ќе обезбеди соодветни простории за чување на материјалите кои во најголем дел се доверливи.

На новинарско прашање, дека Законот за заштита на приватноста стапи на сила на 10-ти ноември, а денеска сме 1-ви декември и измина законскиот рок од 20 дена за предавање на материјалите, кога СДСМ ќе и ги предаде на Катица Јанева, Заев рече дека писмо за подготвеност на материјалите неколку дена пред истекување на рокот е доставено до Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и денеска го очекуваат одговорот од него

„Мора да бидат обезбедени соодветни услови, а колку што сме информирани во СЈО за да се чуваат тие материјали оти се навистина во најголем процент од доверлива природа. Ние законскиот основ го исполнивме. Кога ќе обезбеди државата соодветни услови за чување на тие материјали, како што е обврска по Законот, најверојатно ќе биде побарано од нас да ги доставиме материјалите. Ние сме подготвени во секој момент, штом ќе биде побарано од нас, да ги доставиме материјалите“, рече Заев.

Тој за денеска очекува и формирање на новиот состав на ДИК, а рече дека членовите од СДСМ веќе се одредени.

„Членовите од нашата партија веќе се одредени и соопштени до Комисијата за избори и именување и постапката денеска треба да се одвива, според сите наши информации. Законското одлучување на ДИК по правото на користење вето е поврзано со новиот состав и новите компетенции или надлежности на ДИК“, рече Заев.

Прашан за тоа дали би прифатиле готово европско решение од некоја од земјите членки на ЕУ за начинот на финансирање на медиумите, Заев вели дека секоја меѓународна практика која ќе обезбеди независни медиуми, за нив е прифатлива.

„Медиумите мора да бидат докрај независни до крајот на годината, со видлив ефект. Тоа значи до крајот на оваа седмица очекуваме да има договор за медиумите за да може до крајот на годината да го видиме видливиот ефект. Заради тоа што ако тоа не се случи апсолутно ќе биде доведена во прашање фер, регуларноста и демократскиот начин на организирање на изборите“, рече Заев.

„Став на СДСМ и мој личен став дека поголем политички непријател за нас како опозиција се медиумите како што се Сител, Канал 5, Алфа, Дневник и МТВ. Вие не сте наши политички непријатели, вие сте медиуми коишто меѓу другото се финансирате и дел од пари на граѓаните, тоа се мои пари, ваши пари и на опозиционери и на поддржувачи на власта. Се бориме  за независни медиуми. Секоја меѓународна пракса којашто може да  најде примена во македонија, а ќе биде во функција на независни медиуми за нас е прифатлива“, додаде Заев.