ЗНМ И ССНМ: Не прифаќаме каква било форма на владино рекламирање

0
1315

Претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, и претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис, денеска пред Клубот на пратениците, каде што се одржуваат преговорите за медиумите, уште еднаш го потврдија ставот на здруженијата деека нема да прифатат каква било форма на владино рекламирање, пренесува „Мета“.

Селмани рече дека слушнале шпекулации дека во преговорите има предлог со кој се овозможува легализирање на владините реклами, но со можност тој понатаму да се повлече.

– Штетното влијание на овие реклами е големо. Тие придонесуваат за контролирани непрофесионални медиуми. Со пари на граѓаните се корумпираат медиумите – изјави Селмани.

Тој се обрати до белгискиот посредник, Питер Ванхауте, да не дозволи со негов потпис да се легитимира решение кое е лошо и кое покажува дека нешто во сферата на медимуте се менува, а, всушност, сè останува исто. Селмани вели дека тие не се против тоа институциите да ги помагаат медиумите, но не со владино рекламирање.

– Постојат модели за субвенционирање на медиумите. Ваков пример има во многу европски земји и ние сме подготвени со партиите и со владата да разговараме и да им ги образложиме овие модели – додаде Селмани.

Чаусидис рече дека преговорите за медиумите само ја покажале драматичноста на состојбата во медиумите. Таа рече дека на новинарите им е одземено новинарството, а на јавноста медиумите.

– Самиот факт дека преговорите за медиуми се закочени за рекламите, покажува каде лежи зајакот. Нив не ги интересира јавноста, јавниот интерес, ниту медиумите. Нив ги интересираат само парите. Ако се согласат сите за предлогот за легализирање на владините реклами, се легализира клиентелизам во кој медиумите се бизнис за продавање гласови. Ние сакаме заштита на јавниот интересе, фер конкуренција и еднакви шанси за сите медиуми. Сакаме силни, професионални и економски независни медиуми – рече Чаусидис.

Извор: Мета