ЗНМ: Во извештајот Комисијата посветува внимание на сите форми на насилство и на заплашување новинари

0
1053

Брисел јасно и недвосмислено вели дека слободата на медиумите во Македонија назадува, дека има насилство против новинарите, дека владата директно и индиректно се вмешува во уредувачката политика на медиумите преку нетранспарентно рекламирање, велат од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), како реакција на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.

– Во извештајот Комисијата посветува соодветно внимание на сите форми на насилство и на заплашување новинари, како што се смртните закани, физички напади и уништување на имотот на новинарите. Забележан е и физичкиот напад на новинар од владин функционер, со напомена дека нападот не бил осуден од Владата. Комисијата го истакнува и скандалот со прислушувањето во кој новинари со години нелегално биле објект на следење и на прислушување – вели Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Од ЗНМ сметаат дека е добро што Комисијата во континуитет во сите извештаи го истакнува и прашањето за нетранспарентното владино рекламирање, кое има големо влијание врз медиумскиот пазар, насочувајќи ги владините реклами кон провладините медиуми за да влијае на нивното известување.

– Веруваме дека извештајот ќе влијае на македонската влада за сериозно да ги сфати предупредувањата од Брисел и поискрено да се заложи за решавање на проблемите со медиумите, а ние како ЗНМ сме подготвени да помогнеме со конкретни решенија за надминување на сите предизвици – додава Селмани.