Една партија нè задолжи, една цела генерација ќе се раздолжува

0
1246

Високо кренатата прашина со илјадниците, ветени и неветени проекти, подолго време го покрива видикот кон иднината на Македонија. И додека пропагандната машинерија има за задача и на „најневерните томовци“ да им ја всади пораката дека никојпат не било подобро, генерацијата која е во полна работна сила, поради забавениот економски раст и ниските плати, не само што безвредно ја троши младоста, туку и‘ се доведува во прашање и нејзината иднина. За жал, иднината на една цела генерација е заложена за интересите на една партија и со оваа објективна вистина ќе мора да се соочиме сите и едните и другите и третите и оние кои им се радуваат на панормаските тркала и на „бесценетите “ монументални зданија и оние кои од кога беше очигледно дека власта почна да се троши без усул, предупредуваа дека „возиме во погрешна насока“. Долговите чие досегашно трошење не доведоа до долгоочекуваниот пресврт во развојот ќе мора да се вратат, а нив ќе ги враќаат сите оние кои планираат да продолжат и понатаму да живеат во оваа земја, без разлика во мометнов на која политичка опција и‘ припаѓаат. Земјата веќе го достигна горниот лимит на задолжување. Каматите на новите кредити, со кои треба да се враќаат старите, растат, а големи и видни се потребите за уште нови кредити.

Проблемот кој ја загрозува иднината на помладата генерација, меѓутоа, не е само во зголемувањето на долговите. Тоа е нешто што, колку-толку, веќе секој го гледа, а и властите го „голтаат“, и покрај одрекувањето дека земјата се презадолжува. Но, никој не знае колкав е бројот на вработените кои својата иднина како пензионери денеска ја запечатуваат со најниски можни износи на пензии поради редуцираните уплати на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување при исплатите на платите на трансакциски сметки. А „на рака“ го примаат остатокот од платата. Толеранцијата на оваа незаконитост не е случајна. Не само приватниот сектор, туку и власта, каде сака и може, вработува врз оваа основа, зголемувајќи го капацитетот на вработување во државните органи и институции, на сметка на редуцирањето на средствата за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за вработување. Важно е да се прикаже дека расте бројот на вработените.

Со раширената практика на редуцирање на придонесите станува јасно зошто здравството се соочува со толку проблеми. Едноставно е. Расте бројот на вработените кои имаат право на здравствени услуги, а за тоа издвојуваат релативно помалку отколку што би требало, ако се наплатат определените стапки на вкупната нето плата.

Оваа практика не е времена или случајна. Во сила е од самите почетоци на водечката партија на власт. Од 2007 година наваму бруто платите во Македонија растат со побавно темпо од номиналниот раст на нето платите. Тоа значи дека се намалува уделот на придонесите од плата поради тоа што придонеси не се издвојуваат за делот што се исплаќа „на рака“. Затоа, не е случајно што во владината пропаганда постојано се зборува за висината и порастот на номиналната нето плата, а не за порастот на бруто платата со која, всушност, се обезбедува и сегашноста и иднината на вработените. Тој пораст е помал поради помалку издвоените придонеси, а тоа не и‘ одговара на пропагандата.

Спинуваната пропагандата, кога и да е, (а се‘ позабрзано и‘ се скусуваат нозете, како на лагата), сурово ќе се судри со реалноста и ќе ја изгуби битката за вистината. Проблем е, меѓутоа, што негативните последици од безочното поддржување на политиките на власта веќе се манифестираат. Долговите се до гуша, а не се оствари развој со кој ќе можат благовремено да се сервисираат. А со редуцирање на придонесите им се загрози иднината на сите кои дел од платата примаат „на рака“. Една генерација е ставена во заложништво. Ем ќе враќа долгови од кои не видела соодветно фајде, ем ќе прима помали пензии отколку што објективно би требало да има доколку не се толерира редуцирањето на придонесите. Да не споменуваме дека со тоа и постојните пензионери се ставени во поголема зависност од буџетот отколку што би биле доколку придонесите на постојните вработени би се издвојувале според законот. Но, тогаш не би биле толку „благодарни на власта“ како сега.

Во досегашната политика на „купи ден помини“ на актуелната власт, критиките на овие практики само ја нарушуваат нејзината посветеност за „доброто на народот“. Но, што е една , заложена и, несомнено, изгубена генерација во однос на остварувањата на кои „се восхитуваат“ странските посетители на Скопје? А уште кога ќе заврти панорамското тркало!!! За тоа вреди да се истрпат сите критики. И на нив не треба ниту да се одговара (а нема и кој да ги натера на тоа, поради демократскиот дефицит во земјата), бидејќи не го сфаќаат „духот“ на водачот. А не е важно што тој, и покрај сите агрументирани критики, вклучувајќи и на меѓународни органи и институции, не сфаќа дека на олтарот на неговите желби и интереси, на неговиот ќеф, ги жртвува постојните вработени и невработени, т.е. оние кои не успеале привремено да ја напуштат или трајно да се иселат од Македонија, барајќи попристојно место за работење и живеење.

Во овој контекст застрашувачко е што власта се‘уште јавно се теши и не‘ убедува дека државниот долг е меѓу најниските во Европа, не споменувајќи го јавниот и вкупниот долг на земјата. Како да може да ја симне одговорноста за долговите кога тие ќе стасаат за плаќање и на јавните претпријатија кои повеќето работат со загуби, и на локалната самоуправа која е позадолжена отколку што се прикажува. Да не зборуваме за приватните долгови, на кои не може да остане глува, доколку почнат да се топат девизните резерви (некои бизнисмени веќе кубурат со отплатата на долговите, поради што се зголемува салдото на неплатени кредити во банките).

Дека работата е надвор од контрола потврдува и фактот што Ставревски, за неделава планира да прави нова аукција за ново внатрешно задолжување од 100 милиони евра, бидејќи нема време да чека да пристигнат веќе позајмените 270 милиони од еврообврзбницата која ја емитуваа пред само една недела. А со ланските позајмени 500 милиони евра требаше да се покријат сите обврски и за годинава. Затоа тенок е аргументот дека бараните 100 милиони можат да се оправдаат само со потребата за надминување на јазот меѓу приливот и трошењето предвидените потреби за годинава.

За волја на вистината, дополнителниот заменик министер за финансии стави вето на намерата на владата да се задолжи за нови 100 милиони евра. Потегот е за поздравување, но сега чекам да видам како „специјалистите за борчење“ ќе најдат начин да го заобиколат, надмудрат или доколку неуспеат во тоа, да го обвинат Наумов дека тој е виновен зошто нема да има редовна исплата на субвенциите, платите и пензиите. И не само тоа, туку машинеријата веднаш ќе се стави во функција на барање чаре „во името на народот“, како да го неутрализират овој „неранимајко“, а се‘ со цел постојниве, повторно во името на народат, да продолжат да се задолжуват и да трошат. За жал концептот „купи ден помини“, е симпатичен и одржлив во некои добро срочени филмски стории, но во реалноста, на долг рок оваа животна филозофија е погубна.

Д-р Крсте Шајноски

Колумната е преземена од порталот Фактор