Државниот завод за ревизија открил незаконитости во легализацијата на бесправно изградените објекти

0
1388

Државниот завод за ревизија (ДЗР) открил низа незаконитости во процесот за легализација на бесправно изградените објекти во периодот 2011-2014 година.


drzaven-zavod-za-statistika

Во извештајот за ефикасноста на процесот за легализација на бесправно изградените објекти во периодот 2011-2014 година се констатира дека ревизорите утврдиле дека пред донесувањето на Законот за постапување со бесправно изградени објекти надлежните институции немале точни податоци за бројот на бесправно изградени објекти.

„Кај поодделни општини претпоставениот број бесправно изградени објекти бил практично помал од поднесените барања за легализација, кои обично се однесуваат на доградби и надградби од куќи и помошни простории“, стои во извештајот на ДЗР.

Ревизорите утврдиле дека значителен број барања за легализација биле доставени без комплетна документација и обично содржат само документ за идентификација и сметки за комунални услуги, што не е во согласност со одредбите од Законот за постапување со бесправно изградени објекти и дека противзаконски се легализирани и нови дивогрдби.

„Од извршениот увид во предметите за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти, кај Министерството за транспорт и врски и предметите кои беа предмет на ревизија во делот на легализација на објектите на државните органи и објектите за домување, а во врска со запазување на пропишаните рокови во постапката ревизијата утврди дека заклучок за прекин на постапката за утврдување правен статус на бесправни објекти, урбанистичка согласност за вклопување на бесправниот објект во урбанистичко-планската документација и решение за утврдување правен статус на бесправен објект не се изготвуваат во роковите утврдени со Законот“, се вели во извештајот.

Според извештајот, надлежните воопшто не вршат надзор на законитоста на работењето на општинските органи за работи поврзани со бесправно изградените објекти, односно бил извршен надзор само по неколку претставки. Ревизорите увиделе дека нема добра комуникација меѓу институциите надлежни за легелизација на дивоградбите.

За да се подобри ефикасноста во овој процес, ревизорите препорачаа Министерството за транспорт и врски и општините да преземат активности за дополнително информирање на барателите за комплетирање на барањата, надлежните да извршат надзор на спроведувањето на одредбите од Законот за постапување со бесправно изградени објекти или да предложат закон со кои овие надлежности ќе бидат префрлани кај други органи, а и општините да доставуваат годишен извештај за наменско користење на средства наплатени од надоместот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти до Министерството за транспорт.

Ревизорите препорачуваат и поголема ажурност на инспекторите при доставување на извештаи од направените увиди, а општинските органи наврме да ги донесуваат урбанистичката согласност и решенијата за правниот статус на објектите.