Димитриевски за Капитал: Опозицијата е силна затоа што е производ на граѓаните, а не желба на политичката елита

0
1386

„Овој затворен должничко-доверителски систем креиран од ВМРО-ДПМНЕ ги вклучи сите нивоа на власт во процесот на растурање на опозицијата. Но, сега, со граѓаните заедно ќе ја победиме оваа власт на која ѝ го срушивме концептот за креирање фиктивна опозиција, ги придобиваме граѓаните со цел да им служиме и заедно чекориме кон промени. Опозицијата е производ на граѓаните, а не желба на политичката елита“, вели претседателот на Советот на Општина Куманово, кој е член и на Извршниот одбор на СДСМ, Максим Димитриевски, во интервју за „Капитал“, во кое се осврнува на внатрешно-политичката ситуација со „пржинска“ одредница, која ја разгледува во контекст на бегалската криза и на Кумановските настани

Од Договорот од Пржино според ВМРО-ДПМНЕ останува уште крајната цел, изборите, пред кои само треба да се егзекутираат „формалностите“ околу Избирачкиот список и медиумите, а за СДСМ, очигледно, амбиентот е многу далеку од оној во кој се надеваа дека ќе се чека на следните избори. Дали Пржинскиот Договор се покажува како решение за политичката криза во Македонија?

Неодговорно е однесувањето на власта, чии претставници самовоздигнати до ниво на полубожества ја доведоа суверена Македонија во чувство на (полу)протекторат. Постојаниот политизиран приватен систем со строго лична намена е неиздржлив и неопстоив, молкот беше повеќе од понижување и народот се освести, а должноста наша беше да го одважиме секој граѓанин. Резултатот е Пржино, неминовна е целосна имплементација, обврската е на сите, прочистен список и непристрасни медиуми ќе резултираат со изразена слободна волја на избори за подобар живот, достоинство и просперитет.

Штом не можете да се договорите сами, ќе ви помогнат од страна, за жал истовремено сите паѓаме на тестот за државноста. Да, договорот е реална основа за разрешување на кризата. Пописот е основата за надминување на сите проблеми, неминовно е пребројување.

Сметате ли дека Договорот од Пржино, особено гледано од страна на опозицијата, го одрази вистинскиот потенцијал, односно, крајниот дострел на „бомбите“ со Вистината за Македонија?

Чест беше да се учествува во овој проект за вистината, со канонада од “бомбите на Заев” допревме до секое домаќинство, власта почна да ретерира и во агонија реализираше штетни и репресивни сценарија за дестабилизација. Одеднаш ги заборавија странските служби и применија метод на самоизолација – дефокусирај, цензурирај и заплашувај. Тргнаа против сопствениот народ, ударија на студентите, невладиниот сектор и слободоумниот граѓанин, процесот го заокружија со Кумановските настани. Резултатот беше 100.000 граѓани на протест  и “Кампот на слободата” пред влада. Поминавме тешки моменти кои нѐ сплотија во идејата за достоинствен живот. Во зрели демократски општества на вакви аргументи власта абдицира, кај нас Груевски и фамилијата решија да се борат до крај. Очекувам дека бомбите ќе го доживеат својот епилог во Специјалното јавно обвинителство. Правдата мора да се спроведе до крај!

СДСМ вината за проблемите од спроведувањето на Договорот од Пржино целосно ја префла на власта. Има ли простор дел од одговорноста да барате во сопствените редови?

Направени се многу отстапки, обелоденет е невиден криминал,  разговаравме со луѓе без морален легитимитет, но државниот и граѓански интерес беше во прв план. Овој затворен должничко-доверителски систем креиран од ВМРО-ДПМНЕ ги вклучи сите нивоа на власт во процесот на растурање на опозицијата. Лукративните ги изолираа професионалците и ги ставија во ќош, партиските послушници и секогаш прилагодливите ги активираа во проектот за растурање на опозицијата. Медиуми финансиски мотивирани преку владини проекти атакуваат по опозицијата величајќи ја власта која длабоко зачекори во Потемкините села. Епилогот е јасен, преродбата се распаѓа, системот трокира. Можеби бевме премногу умерени , дополнителна дестабилизација ќе генерираше нови поделби, нам ни е повеќе од потребно национално обединување

Целото интервју на Димитриевски можете да го прочитате на КАПИТАЛ.