Дерала: Изборите може да се одложат, но не и оставката на Груевски

0
882

Џабир Дерала од невладината организација Цивил, во интервју за Радио Слободна Европа зборува за трите основни работи кои треба да се направат за да се обезбедат регуларни избори.

– Едвај дојдовме до ситуација да речеме дека востановивме Државна изборна комисија. Назначувањето на деветте члена на ДИК е само еден прв, многу мал чекор. Пред Државната изборна комисија стојат уште едно чудо задачи кои треба да се направат по итна постапка, ќе споменам неколку. ДИК треба да работи и на подобрување на својата структура во однос на општинските изборни комисии, во однос на правниот департман, ИТ секторот, понатаму да работи на подобрување на својата политика и практика и во однос на создавањето на тие структури сè до избирачките одбори во гласачките места, значи кој може да биде, како може да биде, колку луѓе за да може да се обезбедат што е можно порегуларни избори. Понатаму, Државната изборна комисија мора час поскоро да го среди избирачкиот список. Избирачкиот список е еден од основните проблеми кои не влеваат доверба во изборниот процес кај гласачите. Ние сме сигурни дека постојат ресурси и сè уште има уште малку време да се упристои избирачкиот список, не мора да значи дека тој е совршен, никаде во светот не е совршен, меѓутоа тој може да се упристои до минимум потребните граници да можеме да имаме доверба во изборниот процес – вели Дерала.

Запрашан за тоа дали ќе имаме избори во април, Дерала вели:

„Сите гледаме дека полека се создава атмосфера за одлагање на изборите, меѓутоа ако се одложи терминот за изборите, тој никако не смее да ги одложи и другите мерки кои се инкорпорирани во Договорот од Пржино, од 2 јуни и 15 јули, со ова мислам и на оставката на премиерот Никола Груевски од неговата позиција. Тоа што нема да се пролонгира неговото владеење во дословна смисла на зборот, инаку во практична смисла на зборот знаеме дека тоа ќе се случува и понатаму поради заробеноста на институциите, може многу едноставно да се оправда со сите злоупотреби на кои им посведочивме во изминатите месеци, еве да ги тргнеме изминатите години, но овие месеци посведочивме на многу сериозни злоупотреби“.