ДВ: Средбата со Бајден организирана од лобистите на „Њу партнерс“ кои ВМРО-ДПМНЕ ги плаќа месечно 54.000 долари?!

0
1126

Многу магла и неодговорени прашања се надвиснаа над посетата на премиерот Груевски на Вашингтон. За прашањето кое премиерот не го одговори пред македонската јавност, подгревајќи ги шпекулациите околу мотивите за неговата вчерашна средба со американскиот потпретседател Џозеф Бајден, одговор вчера стигна од амбасадата на САД во Скопје, пишува Дојче веле.

„Владата на Република Македонија барала премиерот Груевски да се сретне со потпретседателот на САД, Џо Бајден, за да разговараат за спроведувањето на Договорот од Пржино, за безбедносни, како и за други прашања од взаемен интерес“, соопштија за Дојче веле од амбасадата на САД.

Од таму не коментираат други детали, но од извори во Вашингтон неофицијално дознаваме дека средбата Груевски-Бајден не била организирана преку амбасадата на САД во Скопје. Од делегацијата, во која покрај премиерот беа министерот за надворешни работи Никола Попоски и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протогер, досега нема одговор кој ја организирал средбата, пишува Дојче веле.

Во домашната јавност се шпекулира дека средбата е ораганизирана преку лобисти, односно преку американската консултантска агенција „Њу партнерс“ која ВМРО-ДПМНЕ од 1 декември лани ја ангажирала за да ја промовира Македонија и претседателот на партијата и премиер, Никола Груевски.

Информацијата за овој ангажман ја објави американскиот неделник „Пи ар вик“, повикувајќи се на документи објавени на интернет-страницата на Државната агенција за регистрација за странски соработници во Министерство за правда на САД. За услугите агенцијата месечно ќе добивала 54.000 американски долари. Според договорот, освен промоција на Груевски, таа требало да обезбеди и услуги што на клиентот ќе му го олеснат пристапот до западните медиуми, а нејзини должности ќе бидат и пишување поенти, изјави и мислења.

На веб-страницата на Белата куќа до утрово немаше информација за средбата Груевски – Бајден. Последната датира од 16 февруари 2011 година. На веб-страницата на Владата, пак, ноќеска беше објавена само информација за средбата на Груевски со Пити Сешн, претседател на Законодавниот комитет на Конгресот и со Алан Берсин, помошник секретар за национална безбедност САД, но не и соопштение за средбата со Бајден. Фотографиите од средбата со американскиот потпретседател и изјавата на Груевски по средбата, пред полноќ беа објавени на порталот „Курир“.

Во дипломатски кругови, во недостиг од информации, не сакаат официјално да го коментираат „проѕирниот пи-ар на Груевски“.

„Многу веројатно е дека средбата е договорена преку лобисти. Штом Груевски ја барал, прашањето е што сакал да постигне. Веројатно сакал да се покаже пред домашната јавност како ‘играч’, кој има некаква поддршка во Вашингтон. Второ, можеби барал гаранции дека ако даде оставка ќе има избори во април. Трето, можеби играл на картата на името за да си ја спаси кожата. Сите три причини не се исклучуваат една со друга. Инаку, и Бучковски беше на средба во Белата куќа со претседателот Буш, пред да ги изгуби изборите во 2006 година“, коментира македонски дипломат.