Грујо доби ЖЕЖОК ШАМАР за режимското судство: Венецијанска комисија ги парчоса прописите за разрешување судии

0
1122

Венецијанската комисија (ВК), највисоко европско советодавно тело за легислатива, оценува дека севкупното македонско законодавство кое се однесува на делот за утврдување на евентуална одговорност на судиите, а врз чија основа се врши и нивно казнување или разрешување, е благо речено збунувачко и е во насока на правни решенија кои повеќе може да се сфатат како заплашување на судиите, отколку како гаранција за нивната независност.

Судството во Република Македонија, т.е. третата власт, со години наназад е оценувано како слаба карика која треба, а не е во функција на баланс и контрола на извршната и законодавната власт и краен гарантор на почитувањето на правото генерално и на човековите права, одделно во државата.

Најновото мислење на Венецијанската комисија, донесено на Пленарана седница одржана на 18 и 19 декември, е усвоено врз база на анализа на три закони и нацрт-амандмани на два од нив, означени како „нацрт амандмани 2015“, а експертизата е извршена по барање на Европската комисија, поточно од Директоратот за соседство и проширување, т.е. од администрацијата одговорна на еврокомесарот Јоханес Хан.

ГОЛЕМ БРОЈ ПОСТАПКИ ПРОТИВ СУДИИ

Комисијата во октомври добила за анализа Закон за судови од 2006, со најнови нацрт амандмани, Закон за Судски советод 2006, со амандмани и Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија, од 2015 година (Совет за факти, скратено).

Венецијанската комисија уште на почетокот од својата анализа истакнува дека иако првите два закона, како и Уставот на РМ имаат одредби кои ја препознаваат важноста на независноста на судството, праксата покажала „висока бројка на разрешувања на судии, компаративно“ со други земји. Така, наведува Комисијата, од 2007 до 2014 година се разрешени 44 судии, а Судскиот совет иницирал 63 постапки против судии, „што е над европскиот просек, особено имајќи ја предвид големината на земјата“. Како компарација во објаснувањето, ВК наведува дека во 2012 година, “44 судии биле разрешени во 44 земји (European responding countries), при што 16 во Велика Британија и Велс и 14 во Турција“.

Во анализата ВК уште на почетокот, опишувајќи ја состојбата со ова законодавство, потсетува како се носени законите и како поради политичката криза не поминаа и амандманите на Уставот од 2014 година и констатира дека ваквата состојба е„проблематична“, имајќи предвид дека сите овие промени се носени без присуство на опозицијата во Собранието. Исто така, проблематично за Комисијата е и донесувањето на Законот за Советот за утврдување факти на почетокот на 2015 година, бидејќи, според експертите, „тоа е радикална промена во однос на претходната институционална шема“.

Во суштина тоа ново тело добива ексклузивно право да иницира дисциплински постапки против судиите, моќ што претходно ја имаа членовите на Судскиот совет и некои други страни. Според членот 105 од постоечкиот Устав, Судскиот совет е тој кој што решава за дисциплинската одговорност на судиите, наведуваат експертите на ВК.

Комисијата смета дека постои некохерентност помеѓу предложените и неусвоени уставни амандмани во 2014 и амандманите на овие закони во 2015. Воедно, Комисијата наведува дека би било многу поуверливо доколку создавањето на Советот за факти би одело преку Уставот, а не само преку закон. Според експертизата, не е најдобро решение да се формира ново тело надлежно за одговорноста на судиите со закон, додека сè уште не се завршени уставните измени за доутврдување на надлежностите на Судскиот совет.

Со други зборови, Венецијанската комисија не ја поддржува идејата за создавање на Советот за факти како посебна институција…, се наведува во експертизата.

ДУАЛИЗАМ ВО УТВРДУВАЊЕ НА ОДГОВОРНОСТА НА СУДИИТЕ

Во експертизата ВК навлегува длабоко во оценувањето на постојните законски решенија и предложените амандмани. Според Комисијата, во постојните законски одредби од Законот за Судскиот совет постои дуализам околу начинот по кој еден судија може да биде разрешен и тоа или според членовите од 54 до 76 или со примена на некој од членовите од 77-95 од истиот закон. Овие два основа за разрешување произведуваат две различни процедури, при што во првиот случај тоа може да заврши и без разрешување, само со дисциплинска казна, додека вториот завршува само со разрешување.

Ова постоење на два паралелени основи за разрешување и две различни процедури е многу збунивачко, оценува Венецијанската комисија.

Амандманите на Законот за судови го отстранува овој дуализам, така што сега како основа се предлагаат само сериозни дисциплински прекршоци, а освен тоа се оди со расчистување на категоризацијата на типовите на прекршоци во три групи: минорни, тешки и сериозни прекршувања. Ова се добредојдени измени, наведува Комисијата, но констатира дека сериозни проблеми се прават со други амандмани, оценувајќи го тоа како „комплексен лавиринт“.

Најпрво, со нацрт амандманите се воспоставува многу долга листа на околности кои можат да доведат до дисциплински казни. Венецијанската комисија е загрижена од фактот дека многу од прекршоците наведени во овој список се преопшти. На пример, судија може да биде казнет „поради тешко нарушување на односите во Судот“, што е општа дефиниција, прецизира Комисијата.

Експертите укажуваат дека ваква општа дефиниција остава простор за волунтаризам и „субјективизам“, при што советуваат на многу попрецизни реченици и дефиниции на нештата, кои служат како основа за разрешување на судиите.

Вакви нејасни, опскурни формулации се отворена врата за насилна интерперетација и се многу опасни за судската независност – оценува Комисијата.

Во експертизата се додава дека покрај нејаснотиите се наоѓаат и многу преклопени членови и како пример се наведуваат дури четири члена за казнување на судија за пречекорено време за одвивање на судскиот процес, како и три члена по кои ќе одговараат судиите за несоодветно однесување надвор од нивното работно време.

Како уште еден лош пример, Комисијата наведува дека ниту во Законот за судовите ниту во „нацрт амандманите 2015“, не се поврзува индивидуалната одговорност на судиите и можноста да бидат одговорни за неефикасноста на целиот судски систем.„На пример, одложувањето на судските процедури може да е резултат на недостаток од организациски способности на судијата, но, исто така, може да се објасни со разумни причини кои се надвор од негова/нејзина контрола, како што е, на пример, неспособноста на судските извршители да го обезбедат присуството на сведоците“, наведува ВК, препорачувајќи да се воспостават прецизни мерки каде е личната одговорност, а каде е на системот.

Без вакво прецизно мерење дисциплинската процедура може да се претвори во инструмент на заплашување, што е во целосна спротивност со независноста на судиите.

Во деталната анализа на досегашната примена на законите за дисциплински казни и разрешувања на судии од 2007 до 2014 година, Венецијанската комисија утврдила дека и покрај постоењето на различни основи за тоа, во најголем дел досега во Македонија било постапувано по само еден основ (“Непрофесионално, ненавремено и невнимателен вршењето на судиската функција во водењето на судската постапка во исклучителни случаи“).

Дури 53 од вкупно 63 процедури и дури 41 од 44 разрешувања на судии беа извршени по оваа основа наведена во членот 75 од Законот за судови, наведува комисијата, додавајќи дека иако постојат и други процедури за поблаго однесување, очигледно тие „остануваа мртва буква на хартија“.

СУДИЈАТА НЕ СМЕЕ ДА ОДГОВАРА АКО ПРЕСУДАТА МУ БИДЕ СМЕНЕТА ИЛИ ОБЖАЛЕНА

Повикувајќи ги властите на Македонија да направат измени, Венецијанската комисија советува дека притоа треба да се водат од препораките на Советот на министри на Советот на Европа од 2010 и 2012 година, во кои се наведува дека личната одговорност на судијата не смее да се врзува секогаш со неговата пресуда.

Судијата не смее да сноси лична одговоност доколку неговата одлука биде изменета или биде предмет на обжалување (апеалција), ја цитира препораката во точка 70, Венецијанската комисија.

Притоа, се укажува и на препорака на Советот на министри на СЕ од 2004, во која се наведува дека бројот на обжалени пресуди не се секогаш мерлив индикатор за квалитетот на судијата и дека треба да се пристапи кон прецизна евалуација на секој случај одделно.

Венецијанската комисија се занимава детално и со Советот за утврдување факти, при што освен препораките да не биде посебно институционално тело, изразува чудење од фактот што членовите на ова тело се бираат исклучиво од пензионирани лица – поранешни судии, обвинители, адвокати… Но, најголемата опасност ја гледа во преземање на улогата што треба да ја има Судскиот совет.

Постои ризик дека Советот за факти де факто ќе го замени на Судскиот совет во прашања на дисциплинска одговорност на судиите, што го покренува прашањето на компатибилноста на новата институција со сегашниот член 105 од Уставот на Република Македонија, кој му доверува на Судскиот совет и на никој друг да има моќ да решава за дисциплинската одговорност на судиите (…) Затоа, Венецијанската комисија го потврдува својот предлог за укинување на законот за Советот за факти, да се врати претходниот систем на покренување дисциплинска постапка со истовремено вградување на механизми за спречување на судир на интереси.

Во главните заклучоци Венецијанската комисија бара измени на постоечките закони или на амандманите во насока на исполнување на следните правила:

  • Законите да обезбедат дека судиите нема да бидат казнувани за ситуации кои се надвор од нивна контрола и кои можат да бидат објаснети со нефункционирање на судскиот систем…;
  • Само намерна злоупотреба на судиската пракса или повторување на голема негрижа треба да се смета за прекршување на дисциплината; системот на казни треба да биде помалку драстичен за помали прекршоци; разрешување на судија може да биде наредено само во исклучително сериозни случаи;
  • Функцијата на Советот за утврдување факти треба да се врати назад во Судскиот совет…;
  • Советот за жалби (по однос на дисциплинската мерка) треба да биде заменето од судско тело, одредено со закон… .

Ова се само дел од препораките на Венецијанската комисија за најновите планирани измени и за праксата од досегашните закони кои ја утврдуваат одговорноста на судовите. Претпоставуваме дека и мотивите на Европската комисија да ги даде овие правни акти на оценка од ВК биле водени од, како што вели ВК, „енормно голем број“ на постапки против судии и разрешувања во периодот од 2007 до 2014, што се разбира како заплашување на судиите, а со тоа и за скратување на нивната независност, т.е. работење по принципот нарачано судство и судство под притисок.

Тео Блажевски
извор: Вистиномер