Граѓанскиот сектор со писмо до Хан: Да се одложат предвремените избори

0
1102

Повеќе од 70 граѓански организации, платформи и иницијативи денеска испратија писмо до еврокомесарот Јоханес Хан и до другите меѓународни фактори активни во решавањето на политичката криза, со кое укажаа дека во овој момент не се исполните клучните услови и дека не постои поволна атмосфера за одржување фер слободни и демократски парламентарни избори, пренесува „Мета“.

– Ние, граѓанските организации, бараме од ЕУ и од САД и од другите домашни и странски фактори што се вклучени во решавањето на кризата, да ги уважат нашите аргументи и да ги одложат предвремените парламентарни избори сè додека не бидат исполнети суштинските елементи од Договорот од Пржино и реформските приоритети што се однесуваат на изборите. Нашата цел е да се овозможи фер и демократска атмосфера за избори, во која ќе веруваат сите граѓани и ќе ја препознаат како можност за артиклулација на својата волја за политички избори – рече Фани Каранфиловска-Пановска, извршен директор на Фондацијата „Отворено општество“.

Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование истакна дека Државната изборна комисија не е целосно конструирана и дека не фукнционира со полн капацитет, дека прочистувањето на избирачкиот список сè уште не почнато и дека нема договор за реформите во медиумите.

– Сите постапки бараат период од најмалку еден до два месеци за институционална подготовка, а за прочистување на избирачкиот список потребни се три-четири месеци. Доколку овој процес не заврши пред почетокот на избората кампања, тогаш одржувањето на изборите станува исклучително ризично и отвора простор за сериозно продлабочување на политичката криза од која граѓаните и државата ќе имаат огромна штета – рече Маричиќ.

Граѓанските здруженија во писмото му укажаа на Хан дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како партии на власт, постојано го забавуваат и го попречуваат спроведувањето на Договорот од Пржино. Тие апелираа до сите политички партии, вклучени во преговарачкиот процес, да се однесуваат одговорно и демократски и итно да ги спроведат договорените решенија и да постигнат договор за сè што не е договорено.

Извор: Мета