ГОЛЕМИОТ ВЕЛЕПОСЕДНИК НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

0
1561

На човек да му е страв да пушти телевизија на МРТВ, Сител, Канал 5 или Алфа. Нема шанса да видете нормална информативна програма, напротив, тоа што можете да го видете е безобразниот и безобзирен приказ за тоа дека Груевски си ја има украдено државата за себе.

Од позиција на лидер на партија, кој патем кажано замина од премиерската функција под притисок на домашната и меѓународна јавност, а заради очигледното флагрантно кршење на уставот и законите и газењето преку човековите слободи и права на граѓаните на Република Македонија, се појавува на отварање некакви капацитети, најавува инвестиции, ветува вработувања, оди во посета на населени места и индустриски капацитети во придружба на министрите и новиот ни премиер Димитриев, кои молчат како мали деца на нокширче. Што говори тоа што го гледаме?!

Наместо Груевски да се срами од тоа инфлагранти е фатен во бројни нерегуларности и активности со кои се крши Уставот и законите на Република Македонија, ниту срам ниту перде, ги влечка актуелните министри и премиерот Димитриев, како да ги повел со себе, та ги носи дома кај него. Со кое право, Република Македонија не е држава во сопственост ниту на Груевски, ниту на неговата фамилија. Телевизииве кој цицаат пари од граѓаните, а за потребите и целите на Груевски и фамилијата, во чекор го следат, по сто пати го цитираат, го репризираат, додека министрите, тие што ги водат институциите молчат и се смешкаат како восочни фигури.

Со други зборови, се и сите се сопственост на велепоседникот на државата. Зарем тоа не е доволен повод за реформа во медиумите?! Зарем со такви медиуми, кои на големо ја почнаа изборната кампања на Груевски, е возможно да има слободни, кредибилни, фер и демократски избори?! И уште нешто, до каде оди ступидноста на медиумите, но и на премиерот Емил Димитриев. Замислете, Димитриев бил технички премиер?!

Бог да чува и да брани…господине Димитриев, вие сте премиер на Владата на Република Македонија, од моментот на вашиот избор до вашето заминување вие сте тие што ја водите владата за сиот корпус прашања за кои се избира Влада на една држава. Истото се однесува и за министрите, кои ги нарекуваат технички министри. Едноставно тие се министри со сите овластувања, права, обврски и одговорности кои согласно Уставот и законите ги има кој било министер.

Но, очигледна е тенденцијата тие да се прикажат како некакви маргинални личности, без некое особено значење, па секоја шуша може да им се меша и да приговара на нивната работа. Судството, вклучително и управниот суд во функција на фамилијата, експресно одлучуваат по тужбите против одлуките на т.н. технички министри, а знам предмети кои барем три години чекаат на ред за решавање и никој не ги зема да ги сработи. Тоа е, и такво е нашето независно судство – марионети на фамилијата, а во јавноста ќе се бранат и ќе попуваат дека сепак не се потребни сериозни реформи во судството…и во право се, не треба реформи, треба на клоци да се исфрлат на улица од нивните удобни судски фотељи. Ме чуди што се уште нема реакција од тие кои беа гаранти на договорот од Пржино, Груевски турбо ја бутка својата изборна кампања, но ова што се прави е вистинска агресија, вистинска специјална војна не кон СДСМ, туку кон секој што поинаку мисли од Груевски и фамилијата. ВМРО ДПМНЕ, парламентарните избори во 2011 година ги заврши со долг од 3.000.000 евра кон Сител.

Тоа го констатира и ДКСК, но заради каучук одредбите од изборниот законик, неможеше да покрене постапка за констатираното. Согласно актуелните прописи, тој долг ВМРО ДПМНЕ требаше да го врати во рок од три години, или во тој период Сител требаше да покрене судска постапка за присилна наплата на побарувањето. Ништо од тоа не се случи, значи дека донацијата на Сител е надвор од законскиот максимум за донации. Од ДКСК до денес нема никаква постапка ниту против партијата на власт, ниту против Сител. Меѓутоа, по обелоденувањето на тоа колкави народни средства се слеале во Сител, Канал 5 и Алфа, сосема е јасно зошто треба, а и натаму ќе мораме да го гледаме големиот газда и сопственик на Република Македонија, Груевски. Со пари од граѓаните, не од партиската каса, не од друг извор, туку од парите на даночните обврзници е подмирен долгот кон верните поданици.

Единствената надеж за сите што поинаку разликуваме од Груевски, единствената надеж ја гледаме во Специјалното јавно обвинителство. Тоа го знае и големиот шеф, затоа сите свои гавази и подданици ги инструира да удрат по него и по Јанева. Но само една препорака би имал до неа, гледајте си ја работата и не обрнувајте внимание на обидите да ве дефокусираат.

Колку побргу и поквалитетно ќе сработите, толку побргу ќе се променат работите во интерес и за доброто на Република Македонија, во спротивно…господ на помош, сите ќе бидеме сопственост на големиот велепоседник!

Пишува : Воислав Зафировски