Во наредниот период СДСМ ќе и ги достави на Јанева сите преостанати „бомби“

0
1277

Од СДСМ за 24 Вести велат дека во најскоро време на специјалната обвинителка Катица Јанева би и ги доставиле преостанатите „бомби“, односно разговорите кои ги поседува оваа партија од незаконското прислушкување.

„Во најскоро време на специјалната обвинителка ќе и бидат доставени сите телефонски разговори. Тоа ќе се случи бидејќи ќе мора да се испочитуваат Законот за специјалното јавно обвинителство и Законот за укажувачи. Треба само да се утврди со специјалната обвинителка како формално ќе се предадат материјалите“, информираат од СДСМ.

Скопското јавно обвинителство веќе потврди дека го добило барањето од специјалната обвинителка Катица Јанева за преземање на предметите поврзани со прислушуваните разговори. Оттаму велат дека го разгледуваат барањето и во најкраток рок ќе и ги достават бараните податоци.

„Бараната статистика се однесува на бројот на оформени предмети, назначување на јавните обвинителства пред кои се оформени предметите и броеви под кои се заведени предметите. По барањето се постапува, по што бараните податоци ќе бидат доставени во најкраток можен рок“, велат од Јавното бвинителство на РМ.

Според првичните информации во скопското обвинителство се отворени 28 предмети но Јанева откако по втор пат побара Советот на ЈО да го избере и останатиот дел од тимот информирала дека таа бројка ќе биде поголема.

Се уште не е познато кои ќе бидат првите предмети по кои ќе работи Јанева. Дали ќе биде „Пуч“, обвинителката засега не одговара иако тоа е единствен случај кој досега влезе во судска процедура. Токму затоа се отвори и дилемата како ќе го преземе – односно дали ќе го повлече обвинението и ќе го работи од почеток или пак ја продолжи постапката.

Ново рочиште за предметот е закажано за утре откако и претходното беше одложено поради непојавувањето на лидерот на СДСМ Зоран Заев кој е четвртообвинет. И тогаш неговата одбрана остана на став дека нема овластен јавен обвинител во предметот од причина што со донесување на Законот за специјално обвинителство таа надлежност е кај Катица Јанева.