(ВИДЕО) Николовски: Додека вие немате огрев, фамилијата извезува дрва во Грција

0
1413

Членот на Извршниот одбор на СДСМ и дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, заедно со претседателот на Комисија за одбрана на СДСМ, Максим Димитриевски и претседателот на Комисија за животна средина Пеце Мирчески се сретнале со жителите од Скудриње, Присојница, Јанче во општина Маврово Ростуше.

Граѓаните се пожалиле на лошата инфраструктура, големиот број диви депонии, проблемите околу снабдувањето со огревно дрво, а го посочиле и криминалот со дива сеча на шумите.

– Колку сакаат толку си сечат, никој не води сметка за ништо. Ние мака мачевме, не можевме дрва да добиеме. Дури во јануари дојдовме до огревно дрво. Никој за граѓаните не мисли само на црните бизниси! – се пожалиле жителите на овој регион.

– Додека вие немате огревно дрво Никола Груевски и фамилијата истото го извезуваат за Грција и преку своите локални шерифи само си ги полнат џебовите. Видовте дека во изминатиот период ги разобличуваме криминалите на Груевски и фамилијата. Секојдневно доаѓаат огромен број оштетени граѓани и ја бараат нашата помош. Така и ќе продолжиме, одговорно во интерес на граѓаните. Огромен е криминалот и со огревното дрво. Ќе се откриваат уште многу криминали на оваа ненародна власт и секој што го прекрши законот ќе одговара – рече Николовски.

Тој ги образложи и мерките од Програмата коишто по промените ќе ги спроведе новата влада на СДСМ за подобрување на животот на сите граѓани.

– Ветуваме домаќинско, транспарентно и одговорно работење. Нашата цел е Македонија да биде земја со бројна и економски стабилна средна класа, наместо општество со мала група богати и мнозинство сиромашни граѓани – рече Николовски.

Зборувајќи за актуелната политичка ситуација Николовски рече Никола Груевски се плаши од слободни, фер и демократски избори затоа што знае дека ќе ги загуби.