(ВИДЕО) Заев за аферата со личните карти: Груевски пак режира, мафијата е во Владата!

0
1035

Во Македонија во жар е борбата за слобода и демократија. Слободата и демократијата имаат висока цена. Невидената паника и нервоза што ја покажуваат Никола Груевски и неговите соработници покажува дека овие луѓе станаа свесни за нивниот безизлез, рече денеска Зоран Заев, претседaтел на СДСМ.

„Се што прави Груевски преку пропагандата е обид да најде спас од работата на Специјалното обвинителство, Анкетната комисија, истрагите што се водат против нив, Договорот од Пржино. Груевски и соработниците знаат колку длабоко се влезени во криминални и корупциски скандали за коишто ќе мора да одговараат“, смета Заев, додавајќи дека и затоа сега го прават истото сценарио како кога почна проектот Вистината за Македонија. Тогаш тврдеа дека прислушувале странски служби, па потоа жолти комбиња, па дека опозицијата прислушувала.

„Сега повторно преку пропагандата Груевски режира филмови. Погледнете го апсурдот, сега велат дека ние фалсификуваме лични карти, за самите за себе да си отвориме истрага и самите себеси да се прогласиме за виновни. Вистинската истрага ја отвори министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, од СДСМ.

Медиумите на Груевски исто како во Пуч, повторно пласираат шпекулации за истрага што е во тек. Јавноста знае дека јас лично ги повикав сите граѓани кои поседуваат какви било материјали и докази за криминалното работење на власта, да ги достават до мене, до Социјалдемократскиот сојуз, до медиумите.

Се гледав и се гледам со сите граѓани кои се охрабрија и се охрабруваат да помогнат во разобличувањето на оваа криминално – корупциска власт на Никола Груевски.

Денеска медиумите на Груевски објавуваат дека материјали од прислушувањето се запленети кај осомичено лице.

Ако е ова точно, денеска од ова место барам истражните органи да разјаснат како вакви материјали се нашле кај ова лице.

Груевски и неговите соработници можат да режираат колку сакаат.
Проектот Вистината за Македонија покажа кои се вистинските криминалци во Македонија.

Вистината е дека мафијата е во Владата. Во оваа држава ќе се врати правото и правната држава.

Тоа е незапирлив процес! Македонија бара промени. Тоа Груевски, Мијалков и нивните соработници не можат да го спречат преку афери во медиумите.

До сега владееа со уцени, закани, криминал и корупција. На изборите тоа ќе заврши“, дополни Заев.