(ВИДЕО) Заев: Одлуката на Уставниот суд охрабрува нови изборни измами и нови изборни грабежи!

0
893

Изборните грабежи, поклопеното судство и партизираните институции беа главните причини за политичката криза во Македонија. Со одлуката на Уставниот суд, Никола Груевски многу видливо и јасно ја призна вината на своите најблиски соработници за изборните измами, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Според него, одлука на Уставниот суд се носи со намера да се заштити Никола Груевски и луѓето околу него за сторените изборни измами.

-Одлуката на Уставниот суд истовремено охрабрува нови изборни измами и нови изборни грабежи. Зарем некој мисли дека ова треба да дозволиме вака да остане, посочи Заев.

Највисоки претставници на партијата на власт се веќе осомничени за злостроничко здружување, за изборна измама. Тоа е потврдено и од Специјалното јавно обвинителство со покренатите постапки.

Очигледно врвот на ВМРО-ДПМНЕ многу добро знае за што се покренати постапките и какви се доказите кои ги поседува Специјалното јавно обвинителство.

Никола Груевски се плаши од правдата, се плаши од вистината и очигледно се плаши и од одговорноста. Бегање од одговорност не смее да има и нема да има.

СДСМ и граѓаните нема да дозволат на ваков начин ниту да се штити изборен криминал ниту да се превенира нечија намера за повторен изборен грабеж. Во ова време, вакви одлуки се срам за државата и ќе има непоправливи последици.

Во Македонија ќе има слободни, фер и демократски избори, со прочистен избирачки список и реформи за слободни медиуми.

Секој што го прекршил законот ќе одговара. Сите наши информации укажуваат дека Државната изборна комисија, која е независен орган ќе стигне на време да го прочисти Избирачкиот список, а тоа е 15-ти април, кога се затвора Избирачкиот список и се става на јавен увид. Граѓаните го користат своето право, политичките партии го користат своето право за увид во Избирачкиот список. 10 дена пред изборите тоа е 25 мај се заклучува Избирачкиот список и се става на гласање. Очекуваме дека нема да излезат некои непознати, нерешливи проблеми за Државната изборна комисија за навремено да се заврши таа постапка, а истовремено очекуваме дека во многу скоро време ќе има и регулација на медиумите. СДСМ  е подготвен за победа, на 5-ти јуни промените во Македонија конечно да се случат, рече Заев.