(ВИДЕО) Граѓански суд: Груевски, Јанкуловска, Протогер, Мијалков се виновни за прикривање на убиството на Мартин Нешковски

0
1793

sud

Гордана Јанкуловска (поранешен Министер за внатрешни работи), Сашо Мијалков (поранешен директор на УБК), Иво Котески (поранешен портпарол на МВР), Дејан Мировски-УРКО, поранешен шеф на обезбедување на Премиерот, и Премиерот Груевски, се одговорни за сторено дело обид за прикривање на убиство.Нивната одговорност е кривична, и ТРИБУНУС ЦИВИЛИС очекува надлежните институции, судовите да презмет законски мерки во тој правец.

Нивната одговорност е политичка, бидејќи како функционери во демократска држава во која владее правото, не смее да се договараат и да затскриваат убиство туку треба да инсистираат на примена на владеење на правото. Оваа одговорност морала да се манифестира со поднесување на оставка од функциите, вклучувајќи и оставка на премиерот Груевски бидејќи и тој учествувал во договарањето на затскривањето на убиството.

Нивната одговорност е етичка,бидејќи како луѓе, актот на насилство  и убиство го прават предмет на договор за политичка корист со што се разорени пошироките општествени вредности за основните слободи и човекови права, посебно правото на живот, на фер судење, и независна истрага, како и доделување на правда – пресуди главниот судија на Граѓанскиот суд, неговата ексцеленција, Бранко Тричковски, во рамки на првиот случај на „Трибунис Цивилис“, судењето за убиството на Мартин Нешковски.
Во улога на обвинителката се појави Уранија Пировска која истакна дека Груевски, Јанкуловска, Котески, Мијалков, Протуѓер и Митровски – Урко се обиделе да прикријат кривично дело „убиство“, да влијаат на истрагата и да ги прикријат трагите и доказите за извршувањето на кривичното дело, што имплицира вмешаност во злосторничко здружување.

-Имајќи го предвид статусот на Игор Спасов, како и постоењето на паралелни структури во рамки на МВР (и припадноста на Спасов на истите), при што припадниците на тие паралелни структури немаат легални овластувања и врз нив нема технички прецизна контрола, потребно е Трибуналот да го контекстуализира случајот во поширокиот општествен контекст кој подразбира перманентно насилство и култура на неказнивост. Заради тоа, предлагам овој Трибунал,  да утврди дека овие лица се морално, политички и кривично одговорни за обид за прикривање на убиството, како и за прикривање на трагите и доказите за убиството. Дополнително предлагам да се утврди пошироката политичка штета од злоупотребата на институциите (МВР, ОЈО, судовите) од страна на конкретна криминална група – нагласи Пировска.

Одбраната тврдеше дека материјалите се сечени, лепени и монтирани, а доказ е признанието во случајот Пуч. Тврдеше дека МВР се преземало навреме и во 48 часа убиството било расветлено.

Трибунус цивилис е формиран затоа што, особено изминативе години, правото и правдата во нашето општество постојано се убиваат.

-Светските искуства покажуваат дека граѓаните ги основаат овие судови секогаш кога некое општество се наоѓа во голема вредносна, политичка, правна и морална криза, т.е. во исклучителни околности. Овој симболички суд има за цел на симболичен начин да го пополни правниот и моралниот вакуум во кој се наоѓа нашето општество и да процесуира макар еден случај во кој правдата, во име на граѓаните и за граѓаните, се остварува макар и на симболичен начин – изјави првата споредна судијка, Ана Чупеска.