(ВИДЕО)РОКНА Керфур, остана должен над 10 милиони евра на македонски фирми

0
1014

Керфур ги спушти ролетните. Зад нив, освен празните рафтови, се крие и милионски долг кон македонските компании кои во изминатиот период го снабдувале со производи светски познатиот трговски ланец во земјава. Според информациите до кои дојде Телма, долгот кој тие со месеци не можат да го наплатат можеби достигнува десет милиони евра. Проблемот го иницирале педесетина членки на Стопанската комора на Македонија, кои имаат побарувања од фирмата ЦМБ Балканс Скопје ДООЕЛ, носител на франшизата Керфур во Македонија. Тие пред неколку дена одржале состанок, на кој одлучиле за ваквата ситуација да ја информираат и Владата.

– Имаме сознанија од нашите компании дека можеби се работи за некакви сомнителни финансиски трансфери кои би требало да се испитаат и да се оцени дали неисполнувањето на обврските на оваа компанија кон другите фирми е резултат на ова. Постојат и сознанија од нашите членки дека во одредени случаи, како и во конкретниов проблем, изостанувале редовни контроли на наделжните државни органи, вклучувајќи ги и инспекциските служби за да се спречи доаѓањето до една ваква ситуација, вели Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на СКМ.

Милевска Штрбевска вели дека комората деновиве ќе испрати писмо до Владата во кое ќе ја информира за сите детали во однос на овој случај и ќе побара истиот да го испитаат Финансиската полиција, Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи. Во моментов сопственик на маркетите од брендот Керфур во земјава е грчкиот бизнисмен Леонидас Маринопулос. Во однос на проблемот, се обидовме да добиеме став и од компанијата ЦМБ Балканс Скопје, но на нивните телефони денеска никој не одговараше.

Видеото ОВДЕ