Бруто надворешниот долг достигна ФРАПАНТНИ 6.342.200.000 евра!

0
1450

На крајот од второто тримесечје од 2015 година, надворешниот бруто-долг изнесува 6.342.200.000 евра, или 70,8 проценти од БДП, што претставува квартален пораст од 1,1 процентен поен од БДП.

– Кварталниот пораст на надворешниот бруто-долг произлегува од повисокиот долг на приватниот, наспроти намалениот долг на јавниот сектор. Повисокиот приватен долг, пред сѐ, е последица на повисоките обврски кон странските директни инвеститори, а потоа и на повисоките обврски врз основа на трговски кредити и аванси и краткорочни заеми на небанкарскиот сектор. Во однос на јавниот долг, дојде до намалување на долгорочните обврски врз основа на должнички хартии од вредност и на заеми на централната влада – се вели во извештајот на Народна банка.

Годишниот пораст на бруто-долгот се должи на повисокиот јавен долг за 3,8 процентни поени од домашниот бруто-производ, при истовремен годишен пад на долгот на приватниот сектор од 0,4 процентни поени од домашниот бруто-производ, се појаснува во кварталниот извештај.

– Притоа, високиот пораст на јавниот долг се должи на зголеменото надворешно задолжување на централната влада во вид на долгорочни должнички хартии од вредност, како и поголемото задолжување на јавните претпријатија преку долгорочни заеми, за поддршка на патната инфраструктура. Во однос на долгот на приватниот сектор, намалување е забележано кај небанкарскиот и кај банкарскиот сектор, што е делумно ублажено од повисоките обврски кон странските директни инвеститори – стои во извештајот на Народна банкa.

Показателите за надворешната задолженост на домашната економија и понатаму укажуваат дека надворешниот бруто-долг се наоѓа во безбедната зона.

Единствен показател што ја класифицира економијата во групата на високо задолжени земји претставува учеството на надворешниот бруто-долг во БДП.