Бранимир Јовановиќ: Она што Хари Костов го предлага не е валутен борд, туку фискален совет

0
2477

Гледам и денеска се збори за валутниот борд кој наводно го предложи Хари Костов, поранешeн премиер и сегашeн директор на Комерцијална банка. Неколку појаснувања.
Валутен борд/одбор е монетарен режим, според кој државата ја фиксира вредноста на својата валута за некоја странска валута, овозможува целосна конвертибилност на своите пари за странската валута и чува девизни резерви исто колку што изнесува нејзината монетарна база. Тоа е еден вид на строг режим на фиксен девизен курс, кој обично се применува кога има висока инфлација. Македонија со години има ниска инфлација, фиксен девизен курс и девизни резерви кои ја надминуваат монетарната база. Оттука, нема никаква логика да се воведе валутен борд.

Но, Хари Костов не ни предложи валутен борд. Оригиналната изјава е: „Мора да се создадат инструменти, нови институции што ќе го одземат „суверенитетот“ врз јавните финансии од власта и ќе функционираат со консензус (за задолжувањето и извршувањето на буџетот), нешто како домашен валутен борд или фискален совет, во кој ќе седат и експерти од меѓународни финансиски институции, со право на одлучувачки глас.“

Иако Хари Костов спомнува „домашен валутен борд“ (веројатно станува збор за лапсус, бидејќи не постои нешто такво), од изјавата е јасно дека она што Хари Костов го предлага не е валутен борд, туку фискален совет.

Фискален совет е независно тело кое го анализира водењето на фискалната политика и дава совети за трошењето на јавните пари. Фискалните совети стануваат популарни во светот заради високите буџетски дефицити и порастот на јавниот долг. Доминантното мислење е дека тие имаат позитивно влијание врз квалитетот на фискалната политика.
Сепак, фискалните совети немаат извршна моќ, т.е. не одлучуваат како да се трошат јавните пари. Оттука, предлогот на Хари Костов, за фискален совет што ќе има право на одлучувачки глас, е нестандарден. Но, не нужно и лош. Напротив, предлогот е добар, но само на краток рок, додека не се расчисти политичката криза.

Линк до изјавата на Хари Костов: http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp

Линк до текстот на Википедија за валутен борд: https://en.wikipedia.org/wiki/Currency_board

Линк до добар текст за фискалните совети: http://www.voxeu.org/…/what-are-fiscal-councils-and-what-do…)

Фејсбук статус на Бранимир Јовановиќ