БАБА КАТА

0
1555

Лежеше мртва. Нејзиниот син Љубе Бошкоски тажно стоеше крај нејзиниот ковчег. Виолината тивко свиреше. “Како што е таа чаша полна со вино, така е и мојто срце полно с’ јадови.“

Не само срцето на Љубе. И срцата на сите нас кои денес бевме на гробиштата во Челопек беа полни со јадови. Мајката на Љубе, Баба Ката, мртва. Синот на баба Ката, братот Љубе затворен. Којзнае колку години. Се обидов да ги избројам но тешко. Бројам, бројам, не можам да добројам. Јас не можам да ги добројам а Љубе ги носи. Ги носи годините робија на плеќи. На неговите веќе изнемоштени плеќи. “Дај да пијам, мила мајко, да се опијам, јадовите, мила мајко, да заборавам“.

Размислував денес, размислував и порано. Што толку им направи братот Љубе? Што толку им згреши? Зошто толкава омраза? Зошто толкав танатос? Зарем мораше вака? Додека злосторниците од 2001-та слободно шетаат низ Скопје, оној кој се бореше против нив гние во затвор. На правдина.

Издржи брат Љубе, нема да трае уште долго. Само, лесно е да се каже издржи. Тешко е да се издржи. Да се издржи болката. Да се издржи неправдата. Тој што издржал знае.

Скопје, 11.11.2015.
Генерал Ангелов