Ахмети се заканува: Избори на 24 aприл или ќе има тензии и поделби

0
1135

Одложувањето на изборите закажани за 24. април ќе предизвика тензии и поделби во Македонија, вели Али Ахмети, лидерот на ДУИ.

Не може, според Ахмети избори да има во јуни, поради Самитот на НАТО во јуни, бегалската криза, тензичната ситуација во земјата. Тој како причина дури го наведува и месецот на Рамазан, бидејќи како што вели, ДУИ го почитува постот.

„Ако датумот на изборите се одложи ние губиме многу важен тајминг како што е одржувањето на самитот на НАТО. За внатрешните случувања во земјава не е добро да се одложи датумот на изборите било за крајот на мај или за почетокот на јуни. Поради политичките случувања може да има тензии, може да има заострувања, исто така сериозен проблем се очекува да биде и бранот бегалци. ДУИ припаѓа на заедница која го почитува постот”, рече Ахмети.

Ахмети бара расчистување на случајот со лажните лични карти зашто според него, фалсификуваните и прислушуваните материјали сега биле во рацете на луѓе кои не и мислат добро на ДУИ.

„Државните органи сериозно да пристапат кон сите фалсификувани и прислушувани материјали што беа пронајдени во нелегални фабрики затоа што ние гледаме опасност, затоа што овие материјали се во рацете на злосторниците, измамниците”, додаде Ахмети.

Генералниот совет на ДУИ бара ДИК во најкус можен рок да ги формира сите изборни структури на сите нивоа и да ја подготви платформата и стратегијата за избори.

ДУИ апелира до сите политички партии во земјата да се однесуваат одговорно во периодот што следи, така што во најкраток рок да се затворат и преостанатите отворени прашања кои произлегуваат од Доворот во Скопје за да се овозможи сигурни, фер и демократски избори, во согласност со очекувањата на меѓународната заедница.

Во заклучоците од вчерашниот сопстанок исто така се апелира до сите членови на партијата и до сите граѓани да не подлегнуваат на навредите кои, како што стои, ја контаминираат јавноста и ги повикува во периодот кој следи да бидат по внимателни кон ваквите навреди и монтирањата кои имаат за цел да ги оцрнуваат личностите на ДУИ и внесуваат поделби помеѓу членството на партијата.