Атмосферата на „Фарма“ пренесена во студиото на МТВ

0
1363

mrtv-taftabiti

Најголем дел од гледачите ги следаат нивните телевизии. Фото: скриншот
[Емисија „Акцент“, 2 декември 2015 година. Тема: Четирите најгледани телевизии и највлијателниот дневен весник се политички непријатели на СДСМ

Водителот на една од последните политички дебати на МРТВ беше изгубен во кусата меморија на учесниците. Понекогаш за нашите колеги еден час е предолга временска отсечка, па се заборава, што се рекло во првата, а што во 20-тата минута од ТВ-дебатата. И каде се тука задолжените да го спречат маалскиот амбиент и битпазарскиот вокабулар на присутните?

Пишува: Љубомир Костовски

Една од основните задачи на ТВ-водител на условно дебатна емисија е да внимава на конзистентноста на дискусијата и да укажува на најчистите контрадикторности на поканетите учесници во нивните дискусии. Секако, право на водителот е, евентуално, да ги скрати расправите, да ја спречува нивната анархичност во „самоземањето“ збор, да не дозволи „битпазарски“ ширења на муабетите и да се обидува да биде коректор, ако се минува пристојноста на присутните и се навлегува во уличниот вокабулар на полемичарите.

Пример за тоа како една наводна дебата на која учествуваат новинари се претвора во „јас да кажам“ или кога присутните си земаат збор како сакаат и кога сакаат, покажа дека новинарите многу често се најнедисциплинираните учесници на дебатите што не ги организираат самите. А, учесници во емисијата која ја водеше одговорниот уредник во политичката редакција на МРТВ, Горан Петревски, беа неговиот „натшеф“, Диме Ратајковски, Лидија Богативноска од „Канал 5“, Драган Павловиќ Латас од „Сител“, како и првиот човек на политичката редакција на „Алфа“, Коле Чашуле, без објаснување за неприсуството на никој од редакцијата на „Дневник“, кое беше најавено со самиот наслов на дебатата (најрелеватно пишано гласило, а во расправата дури и најтиражно!).

Проблемот на целата таа емисија на тема „Четирите најгледани телевизии и највлијателниот дневен весник се политички непријатели на СДСМ“ е во самиот наслов – тоа е обид комплетната деградација на медиумите и најниската стапка на слобода на оваа професија да ја согледаат низ кажаното на прес-конференција на која лидерот на опозицијата укажа дека во одреден број медиуми гледа свои политички непријатели! И целата таа состојба да ја сведат на одредницата „политички непријател“ и да ѝ дадат позиција на „драмска оска“ кога таа постапка е дури и методолошки погрешна, иако како што понудената констатација на Заев е точна и дозволива – тука да внимаваме – кога една партија е надвор од власта, бидејќи, нели, опозицијата нема инструменти за да наштетува.

ОПОЗИЦИЈАТА ТРЕБА ДА МОЛИ ЗА ПРОСТОР

Секако дека каква било дебата, па нека учествуваат во неа со своја изјава и претседателот на ЗНМ, Селмани, или глодурот на „Сител“, Латас, мора да појде од фактот дека сите постоиме и сме сместени во некоја слика и рамка, а дека сè што во некаква ТВ-дебата може да се каже, по кое било прашање е само една мала точка во тој голем портрет на општеството. Оние кои имаа одговорни позиции во некои организации, поврзани со медиумите или во самите медиуми, најнапред, секако, секое утро треба, кога ќе станат од постела, да бидат свесни дека се разбудиле во земја која по однос на прашањето на слободите и на правата на граѓаните, потврдено со релеватни показатели е на самото дно, дека општеството е во полухаотична состојба во секој поглед и дека новинарските слободи се паднати во бунарот на светската ранг-листа!

И кој е виновен за тоа? Нека се запрашаат тие што ја отвораат таа тема, иако одговорот на дискутантите во конкретниот случај секако им е јасен: па, тие се дел од тој процес, некои и повеќе од девет години по ред, како партнери на оваа власт! Дали опозицијата каде било, во кој било плурален систем може да ја понесе одговорноста за таквата ситуација, евидентирана и во подолго време зацементирана состојба, особено сега, кога безмалку половината од присутните во ТВ-студиото беа понесени од самофалби дека се работи за политиколози на кои им се јасни општествените процеси (Латас и водителот Горан Петревски, на пример). За изнесеното, секако, постојат и факти – каде беше нашето општество пред десет, да не говориме 15 или повеќе години на релевантните светски анкети, токму по прашање на слободите на граѓаните или слободите на медиумите (нели, тоа се сврзани садови)? Може ли некој здраворазумски да говори за оваа тема, а да не го допре ова прашање – како се случи паѓањето во амбисот токму во времето кога власта на Никола Груевски е поставена на столчето на апсолутизмот? Или, нека се даде друг одговор, затоа се дебатите, ама ако го поставите – вистинското прашање и така ја насочувате дебатата.

За разлика од таквиот придонес во емисијата за која говориме, сите тврдеа дека опозицијата е таа која треба да ги моли ТВ-студијата за парче простор (Коле Чашуле!) или дури да ги заборава евентуалните навреди следното утро како опозиција и да се труди да се однесува како ништо да не било (Лидија Богатинова), што би се рекло „да стисне заби“. Но, реалноста е дека медиумскиот простор, печатениот и електронски, цврсто се контролира во секој поглед од партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ и во помала, но не безначајна мера од ДУИ. Исклучоците се мали и безначајни, законските рамки се беспредметни, бидејќи главниот тон го дава т.н. министерство на вистината. Неговото постоење во партискиот штаб и водењето на уредувачката политика преку телефонски пораки и доставени дописи од еден извор („куриризацијата“ на јавниот простор) е круцијалниот и единствен доказ за впрегнување на медиумите во изградбата на комплетната недемократска клима, за втурнување на животот на сите граѓани во поданички статус на оваа власт. Ако тоа воопшто не се допре во една дебатна емисија која траеше речиси 70 минути, тогаш реалноста си останала надвор од маргината.

За таквиот „придонес“ на јавната дебата, секако, најголем виновник е кусокот на меморија на присутните во дебатата, а за која, како што рековме во воведот, е одговорен, пред сè, водителот.
Така, ако првиот човек на ЗНМ заборави кој го фрли како куфер од Собранието на 24 декември 2012 година, можеме да речеме дека меморијата за таков шокантен настан за целото новинарство траела барем три години, но, се чини, кај нашиот претставник и помалку – тој постојано е во филмот „сите се виновни“, употребувајќи го шестарот за да ја одмерува својата позиција меѓу себе и факторите во општеството. И тоа секогаш и во секоја пригода?! Такво беше и учеството во оваа дебата со снимен материјал, по што доживеа потсмев од самиот Латас („еве го, сега се пере“). Секако, уште повеќе е чудно кога двајца од присутните беа дел од најгрубиот напад што се случил во некое плурално европско општество на една ТВ (приватен медиум!) од страна на сите државни механизми (полиција, инспектори, обвинители) каква што беше „А1-телевизија“. Таа, пак, треба ли да потсетиме, беше затворена затоа што беше и најгледана, како одговор на сите тие учесници, надвор и во студиото. Тоа беше политички земјотрес од најголема сеизмичка енергија, ама Чашуле и Петревски бргу ја закопале таа вистина длабоко во меморијата или, можеби, ја избришале од неа, иако во времето држеа огнени говори пред Владата на РМ на таа тема! Чашуле, на пример, само се сеќава дека имале проблем со насловната страница на весникот „Ден“ кај СДСМ (кој излезе само во неколку броеви) – природно, временски гледано тој случај е помлад од потопувањето на „А1“ за барем една година!

„ГУМИЧКИ ЗА БРИШЕЊЕ“ ВО ГЛАВИТЕ

Посебна приказна е темата за наводниот однос на западните амбасадори кон „изјавата на Заев“, која ја наметна учесникот Латас уште на почетокот од дебатата. Тој во шестата минута, во 17. секунда почна да говори дека говорот на Заев „ни сврши работа кај дипломатите, по неговата (на Заев – н.з.) денешна изјава прилично е различен ставот на дипломатите кон СДСМ, особено по прашање на медиумите“. Ова, секако, имплицира дека Латас се сретнал со нив и им го дознал ставот по ова прашање? Во 22. минута, Богатинова откри дека нивните средби со амбасадорите и не почнале. Тие побарале таков состанок, а им одговорил само Аиво Орав, кој ги ставил во распоред во четвртокот во 8.45 часот наутро (!), што само по себе нешто кажува, нели? Богатинова призна дека не добиле одреден одговор од американскиот амбасадор околу терминот за средба, а спомена дека барале средба со амбасадорките на Германија и на Франција, но одново немало термин до тој момент. Па, како Латас веќе го знаел ставот на дипломатите? Можеби чита на далечина?

Ако ги отвориме таквите и други контрадикторности и „гумички за бришење“ во главите, би отишле далеку и веројатно и самите би влегле во атмосферата која наликува на клучната програмска одредница на реалните шоуа, кои, пак, се единствените „виновници“ за добрите телевизиски рејтинзи на куќите на дел од присутните. Од типот на „Фарма“, на пример. И таа шема и тука се следеше. Во ова реално шоу од дебата имавме „пикантерии“ за братот на Заев, неколкупати, за тоа што ѝ рекла некоја тетка или чичко на Богатинова за владеењето на Заев во Струмица, за тоа дека приврзаниците на Бранко биле под притисок и не смееле да кажат ниту збор, за тоа како еврокомесарот Хан ќе се вклучел како посредник на нивна страна откако тие ќе заминеле во Брисел и ќе му ги објасниле работите, за тоа што мислела бабата – „комуњарка“ на Латас за пензиите кога ќе дојде СДСМ на власт, за тоа дека дека постојниот Закон за медиуми е одличен и не треба да се менува, потоа, некоја минута по ова, дека на законот, сепак, му недостасуваат некои „ситници“ (на пример, дефиниции што е тоа медиум и што е новинар!), па дека МТВ треба да добива пари од буџетот (Латас – „ама многу е еден отсто, ќе нè уништите“)…
Особен и посебен осврт, секако, заслужува споредбата на Ратајковски, кој рече дека концептуално МРТВ ја следи „Би-Би-Си“, која, пак, го затаила шверцот со гласањето на референдумот за независност на Шкотска. Тоа затајување – по него – било корисно (!) бидејќи ја чувало државата од поголеми дестабилизации, а тие токму тоа го правеле кога не ги пуштале т.н. „бомби“ на Заев. Но, нели, ова треба посебно да се опсервира како размисла кој го води националниот ТВ-сервис.

На крајот на тоа шоу, водителот се сети дека на дебатата треба да покани и други редакции, ама тоа го остави за другпат. Една од дефиниците на успехот на „Фарма“ е повремена обнова на учесниците?! Друг заклучок на водителот, практично, и немаше, само што вети нови епизоди и со нови актери.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).