Алсат-М: Гасоводот Клечовце-Штип три пати поскап, студијата се крие?!

0
1176

Гасоводната делница од Клечовце до Штип е три пати поскапа од она што го покажала физибилити студијата која била нарача од Владата, тврдат дел од енергитичарите. Надлежните институции од кои ја баравме студијата, потврдуваат дека таа постои, но топката си ја префрлаа едни на други, и одбиваат да ја обелоденат или да ги кажат деталите што се содржани внатре, дознава Алсат-М.

Гасоводната делница што се гради од Клечовце до Штип, земјава ќе ја чини три пати повеќе од она што го покажала физибилити студијата нарачана од Владата. Ова за „Економски магазин“ го тврди енергетскиот консултант – Митко Андреевски.

„Таа цена е превисока, затоа што чини 77 милиони долари. А цената на изградбен гасовод и во студијата која што е изработена покажа дека треба да чини 24 милиони долари. Тоа е студијата што е платена од нашата Влада. Тоа отвара сомнеж. Сериозен сомнеж,“вели Митко Андреевски, енергетски консултант.

Според Андреевски, поскапата инвестиција за граѓаните ќе значи и поскап гас, кога проектот ќе профункционира.

„Друга е цената за транспорт на природен гас кој што чини – 50 километри  – 25 милиони долари, а друго е кога чини 75 милиони долари. Ако бидат со вакви цени тогаш крајната цена на природниот гас може да биде повисока. Тоа што ќе го добие регулаторот како цена на инвестиција, ќе биде должен да го пресмета“, вели Андреевски

Од Министерството за транспорт потврдуваат дека во 2009 година била нарачана, а потоа и изработена физибилити студија. Но, одбиваат да ја дадат или да кажат што содржи. Упатуваат одговорите да ги бараме од МЕР – Македонски енергетски ресурси, институција која е задолжена за проектот.

„Со одлука на Владата, техничката документација е отстапена на МЕР за да отпочне со изградба на делниците кои произлегуваат од студијата,“ наведуваат од министерството.

Од МЕР пак велат дека тие не ја поседуваат физбилити студијата за гасификација на Македонија. во која покрај другите делници е опфатена и делницата Клечовце. Со ова, двете институции ја кријат физибилити студијата, која пак беше посочена дека покажува оти Македонија плаќа три пати повисока  цена за изградба на гасоводната делница од Клечовце до Штип.

Извор: Алсат-М.