Алексов: Нема услови за фер избори на 24 април

0
991

Нема услови за одржување на фер избори на 24 април годинава, изјави денеска на прес-конференција претседателот на граѓанската асоцијација „Мост“, на која беше презентиран извештајот од набљудувањето на предизборниот период од 1 ноември до 31 декември минатата година, пренесува „Мета“.

– Ако во јануари задоцнувањето со процесот за прочистување на избирачкиот список беше 50 дена, сега тоа задоцнување на 87 дена. Методологијата на прочистување на избирачкиот список има неколку фази и сите почнуваат со задоцнување – изјави Алексов.

Според извештајот на „Мост“, во најмалку четири општини вработените во администрацијата добиле инструкции да подготват списоци на потенцијални гласачи на ВМРО-ДПМНЕ.

– Укажуваме дека ваквата практика претставува прекршување на член 160 од Кривичниот законик (КЗ), повреда на слободата на определување на избирачите. Дополнително, во три општини е забележан притисок врз вработените во администрацијата да посетуваат партиски митинзи. Исто така, забележани се три случаи на вршење анкети на пензионери од страна на ВМРО-ДПМНЕ, при што во еден од случаите забележан е список со пензионери со лого од Министерството за труд и социјална политика – изјави Алексов.

Според анализата, Државната изборна комисија ја продолжува практиката дел од своите седници да ги одржува без присуство на медиумите и на јавноста.

– Напоменуваме дека сите процеси поврзани со имплементацијата на Договорот од Пржино мора да бидат максимално транспарентни. Недозволиво е ДИК својата работа да ја врши далеку од очите на јавноста, на т.н. работни состаноци, а институтот „официјална седница“ да биде шарада за јавноста на која членовите на ДИК само ги потврдуваат веќе донесените одлуки – рече Алексов.

Од „Мост“ ги набљудувале и промотивните настани организирани од државните и од јавните институции, при што е забележано дека претставници од сите политички партии во Владата за спроведување на изборите не го почитуваат принципот на одвоеност на државата и на партијата при обраќањето на овие настани, односно ги промовираат своите партиски програми.

Извор: Мета