Албанските партии бараат преименување на МРТВ во „Радио и телевизија на Македонија“

0
1715

Албанската страна во преговорите за медиумите, поднела амандмани кои треба да се додадат во предлог-законот за медиуми на посредникот Питер Ванхауте, пишува „Алсат-М“.

Според нив, амандманите на албанската страна се однесувале на прашањата кои ги тангираат интересите на Албанците, односно медиумскиот простор во телевизиските канали и радиото на „Македонската радио-телевизија“.

Предлогот на албанските партии, наводно, добил поддршка од посредникот Ванхауте.

– Има конвенција на УНЕСКО за културната разноликост што е многу интересен труд кој треба да се спроведе и тука. Овој документ објаснува која заедница треба да ја има предвид етничката разноликост на земјата и треба да ги земеме предвид потребите на заедниците, не само на Албанците, туку и на другите  заедници. Сметам дека имаат право што го отвораат ова прашање и треба да продолжат со истото, за да се реализира таквата цел – изјавил Ванхауте, според „Алсат-М“.

Со предложените измени, албанските партии предвидуваат првиот канал на МРТВ да остане на македонски јазик, а вториот да емитува 24 часа програма на албански јазик. За другите заедници би требало да се обезбеди простор на третиот Собраниски канал или да се обезбеди сосема нов телевизиски канал.

Предлогот предвидува и да се смени името на јавниот сервис од „Македонска радио-телевизија“ во „Радио и телевизија на Македонија“, затоа што првиот назив ја фаворизирал идејата дека јавниот сервис му припаѓа на македонското население, иако работи со парите на сите граѓани.