Академик Ќулавкова: Ја повикувам Владата да покаже малку свест и совест

0
1471

Јавно ја повикувам Владата да престане со натамошното загрозување на еколошката рамнотежа на градот, да не го нарушува идентитетот на модернистичкиот универзитетски кампус, да не ја ревидира колективната меморија и културната историја на Македонија, да се посвети на поургентни нешта, да покаже малку свест и совест за реалноста во којашто се наоѓа државата, порачува академик Катица Ќулавкова по утринската офанзива на Министерството за образование врз зеленилото во кампусот факултети на УКИМ.

Во план е на просторот на исечените дрва во паркот да се издигнат две згради со барокни фасади кои ќе чинат над 20 милиони евра.

Фејсбук коментарот на академик Ќулавкова го пренесуваме во целост.

„Ноќеска во глуво доба е уништена ’зелената’ зона на Универзитетскиот кампус, едно од последните уточишта на природната убавина во Скопје. Ректоратот не се огласува (о, проклета атараксија, опасна рамнодушност), а проектот е во надлежност на Владата на РМ. Упад на Владата во слободната зона на Универзитетот Св. Кирил и Методиј! Да беа живи светителите на писменоста би тажеле до небеса. Јавно ја повикувам Владата да престане со натамошното загрозување на еколошката рамнотежа на градот (Скопје е пред еколошка катастрофа, а со него и повеќе од половина жители на Македонија), да не го нарушува идентитетот на модернистичкиот универзитетски кампус, да не ја ревидира колективната меморија и културната историја на Македонија, да се посвети на поургентни нешта (почнувајќи од студентски домови, подобрување на стандардот на студентите и наставно-научната дејност на Универзитетот…), да покаже малку свест и совест за реалноста во којашто се наоѓа државата, високото образование, науката и културата…“

katicapost