Австрија бара воено-цивилна мисија во Македонија и во Србија

0
951

Австрискиот министер за одбрана, Ханс Петер Доскоцил, се залага за воено-цивилна мисија за заштита на границите во Македонија и во Србија и воспоставување контролни пунктови за регистрација на бегалци во овие земји, бидејќи Грција не е во состојба да ја осигури надворешната граница на ЕУ, пренесува виенскиот весник „Стандард“.

Доскоцил во интервјуто дели дека не смее да дојде до тоа десетина илјади бегалци да бидат „заглавени“ во Србија и во Македонија и оти принципот на работење во овие земји треба да биде ист како во Грција, односно да се работи на подобро „совладување“ на масата луѓе што доаѓаат.

Австрискиот министер објаснил дека балканската рута ја ставил на дневен ред на минатиот состанок на министрите за одбрана на ЕУ, за што поскоро да се постигне договор.

– Во следните недели претстои важен развој во Грција и во Турција во врска со прашањето за обезбедување на границите на ЕУ. Ако експертите дојдат до заклучок дека можеме да ја осигураме границата и оти ни е потребен контролен пункт во Србија и во Македонија, тогаш ќе треба тоа да се претвори во цивилно-воена мисија – рече Доскоцил, додавајќи дека од Македонија и од Србија добиле сигнали дека се подготвени за тоа.

Австрискиот министер, исто така, оцени дека трошоците за учество на војска во мисии во странство е далеку помала од последиците.

– Ако успееме да го реализираме нашиот предлог за мешовито полициско-воено обезбедување на границите во Србија и во Македонија, би било потребно за тоа да се стават на располагање средства. Иако мисијата би ја предводела Фронтекс, ние сепак би учествувале бидејќи станува збор за состојба директно пред нашиот праг – рече Доскоцил.