АНАЛИЗА: Од професори и културни работници – во „даватели на јавни услуги“

0
1130

По вработените во инститциите од културата, реакции и револт и кај професорската фела. Имено, според новите законски решенија за администрацијата и за вработените во јавниот сектор, сите буџетари стануваат „даватели на јавни услуги“. Синдикатот на културата (СКРМ) и Синдикатот на работниците од управата и правосудството (УПОЗ) бараат итно повлекување и имени на неколку закони, пишува неделната економска анализа на Порталб.мк.

Незадоволство има и кај вработените во судството, кои веќе излегоа на предупредувачки штрајк.

Образованието, судството, културата, администрацијата – во ист кош…

„Според новите законски решенија ние ќе станеме „даватели на јавни услуги“. На факултетите, се прави нова систематизација и се собираат податоци за секој професор, меѓудругото се бара да се изјасниме и по национална и по верска припадност. Обврзани сме овие податоци да ги пополниме електронски, а доколку одбиеме, предвидена е глоба, односно казна“, вели професор на еден од државните универзитети.

Високообразовните институции  подготвуваат нова систематизација, професорите ќе станат “даватели на јавни услуги“ но се прави и електронски регистер. Овие промени на ниво на факултетите се последица од новите законски решенија за администрација и за вработени во јавен сектор, кои веќе предизвикаа револт и кај вработените во судството, јавната управа и културата.

„Законот за администрација и Законот за вработени во јавниот сектор се две решенија кои практично се како во пакет. Ги најавија како реформски но нивната цел е сите вработени во јавната служба, државната управа и се што значи буџетар, да се стават под иста капа, сите буџетари да бидат административни работници. Веќе ги добивме првите реакции, ете вработените во културата не сакаат да бидат и не треба да бидат административни работници“, вели Пецо Грујовски, претседател на УПОЗ.

На законските решенија, вклучувајќи го и Законот за култура реагираше и Синдикатот на културата, пишува Порталб.мк.

„Веќе две години говориме за нашето незадоволство од измените во Законот за културата, во кој вработените во културата се изедначени со јавната администрација и во кој тие се навредувачки именувани како „даватели на јавни услуги“. Сега во пракса се покажува и докажува дека овие измени во Законот условуваат низа нерешливи ситуации и рестрикции за вработените, без при тоа да донесат какви било подобрување и ефикасност во работата. Затоа, повторно категорично инсистираме: Да се изготви целосно нов закон за култура во кој ќе се исфрлат сите неуставни измени на изедначување на културните работници со јавната администрација“, велат од Синдикатот на културата

Вработените во кулурата, судството, администрацијата практично се соочени со случни законски решенија кои според Грујовски се недоречени и ригорозни.

„Едно од најпрблематичните решенија е оценувањето. Имено, со една негативна оценка може да се изгуби работно место а ако две години по ред вработениот добие две двојки, повторно се соочува со губење на работата. Во оценувањето , колегите учествуваат со 40% а гласот на  раководителот со 60% во вкупната оценка“, велат од УПОЗ од каде објаснуваат дека во „европскиот пакет закони“ е и Законот за судски службеници.

„Не само законите за администрација и за јавен сектор, проблематичен и Законот за судски службеници за кој веќе побаравме итно повлекување. Имено ние како синдикат до МИнистерството за правда доставивме нов предлог закон, но до сега одговор нема“, вели синдикалецот Грујовски.

Измени на законското решение бараат и вработените во културата. Оттаму се понудиле да помогнат во изготвувањето на еден, како што велат,  современ закон усогласен со европското законодавство, кој ќе претставува правна основа за нормално функционирање и унапредување на културната сфера, пишува Порталб.мк.

„Сегашното законско решение цениме дека е само алатка за санкционирање и несубјективно оценување. Културата (дури и во едно тесно значење на поимот) е премногу широк феномен за да може да биде опфатена со еден единствен закон. Во него треба да се исфрлат сите членови кои секаде во светот се решаваат во законите за работни односи, како и во колективните договори, но никако во Законот за култура, како на пример прашањата од областа на права од работен однос, класификација на работните места – нивоа и категории; оценување на вработените, намалување на платите и распоредување на пониски работни места, дисциплински мерки, посебни услови за познавање на странски јазици и сертификати за работа со компјутерски програми за канцелариско работење, начини на пополнување на работните места во културата; постапки за селекција на вработување, постапки за унапредување итн. Законот за култура не смее да се обликува како средство за контрола на институциите и вработените и како начин на ставање на културата во тесни бирократски рамки сé со цел полесно манипулирање и управување со вработените во овој сектор“,  велат културните работници, пишува Порталб.мк.

Од професорката фела пак стасуваат првични инфрмации дека  некои од членовите во сегашните законски решенија може да завршат на Уставен суд.

Анализа на Порталб.мк