Јанева дојде на распитот пред Советот на јавни обвинители

0
1279

Специјалната обвинителка, Катица Јанева, денеска се појави пред Советот на јавни обвинители каде е закажана седница за нејзината досегашна работа, пренесува „Мета“.

Засега никој не информира дали по состанокот ќе има изјави за јавноста.

Јанева, според најавите, треба да даде свое појаснување во враска со разрешувањето на двете обвинителки од нејзиниот тим, Лејла Кадриу и Марија Ѓорѓева, а можно е да стане збор и за кривичните пријави поднесени против тројца обвинители од Специјалното јавно обвинителство.

Двете обвинителки минатата недела дадоа изјави пред тричлената комисија на Советот, која треба да го расчисти случајот, а Кадриу по сослушувањето рече дека само Јанева знае зошто тие се отстранети од тимот.

Од кабинетот на Јанева, пак, велат дека обвинителките се разрешени поради обемот на работа, за кој на Специјалното јавно обвинителство му биле потребни 10 обвинители.

Скопското јавно обвинителство викендов потврди дека е поднесена кривична пријава против тројца обвинители од Специјалното јавно обвинителство и против неколку непознати лица за малтретирање при вршење на службата, кривично дело казниво по член 143 од Кривичниот закон.

Од Специјалното јавно обвинителство за медиумите соопштија дека за кривичните пријави дознале токму од медиумите и дека се сомневаат оти некој се обидува да им наштети.

Извор: Мета