Џеб Буш: Обама и Клинтон се виновни за подемот на „Исламска држава“

0
97

Поранешниот гувернер на Флорида и претедендент за претседателски кандидат на Републиканската партија за изборите во 2016 година, Џеб Буш ги обвини актуелниот американски претседател Барак Обама и поранешниот државен секретар Хилари Клинтон дека се одговорни за подемот на џихадистичката група „Исламска држава“ (ИД) и за сегашниот конфликт на Блискиот Исток.

image_1439456107_06

Во говор одржан во претседателската библиотека „Роналд Реган“ во Калифорнија, Буш рече дека „прераното повлекување“ на американските трупи од Ирак во 2011 година, претставувало „фатална грешка“ на претседателот Обама и на Клинтон, поради што, според него, дошло до дестабилизација во оваа земја и до создавање терен за раст на џихадистите од ИД.

– Во нестрпливото настојување да бидат креатори на историјата, тие двајцата (Обама и Хилари Клинтон) ја пропуштија можноста да бидат миротворци, рече Џеб Буш.

Во говорот за основите на републканската надворешна политика, Џеб Буш се заложи за поголемо американско присуство на Блискиот Исток и побара создавање на безбедносна зона забранета за летови над Сирија. Тој се заложи за смена на сирискиот претседател Башар ал Асад, како и за зголемена американска поддршка за ирачките Курди и за поголема координација меѓу војската на САД и ирачките сили.

Со реакција се огласи еден од советниците во кампањата на Хилари Клинтон. Тој го обвини Џеб Буш дека се обидува „одново да ја пишува историјата“ и да ја префрла одговорноста на други, потсетувајќи дека одлуката за заминување на Американците од Ирак е на претходната администрација на неговиот постар брат, Џорџ Буш.

Советникот на Клинтон тврди дека и вината за подемот на ИД треба да се бара во Администрацијата на претходниот претседател, затоа што, како што сметаат во штабот на Хилари Клинтон, погрешно била распуштена ирачката армија и се дозволило потиснување на сунитите.