ШТО ЗНАЕ ДЕТЕ ШТО Е МИНИСТЕРСТВО : Диме Спасов ги укинал сите наредби донесени од Ременски

0
380

Извори во министерството за труд и социјална политика со ново обвинување кон министерот Диме Спасов. Овојпат велат два дена по враќањето на функцијата тој ги укинал сите решенија, овластувања, наредби и известувања кои пред него ги донела министерката Фросина Ременски која со институцијата раководеше околу шест месеци. Во писмениот документ министерот се повикува на член 49 став 1 и член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, објави 24 Вести.

Со овој документ според извор во министерството Спасов ги укинува донесените овластувања и наредби кои Ременски им ги дала на поединечни лица вработени во министерството, донесените промени во неколку сектори како и наредбите до државните службеници за добиени овластувања за потпишување на акти.

Зошто министерот Спасов ги укинува решенијата кои ги донела предходната министерка Ременски не дознавме. Иако со секторот за односи со јавноста во министерството првично стапивме во контакт потоа на нашите пораки и повици никој не одговараше.

Предходно неколку вработени во министерството кои биле ангажирани во кабинетот на поранешната министерка Фросина Ременски го обвинија министерот Спасов дека им вршел тортура.

Тие обвинија дека обезбедувањето по наредба на министерот извршило претрес во канцелариите и не им дозволило пристап до работните места, а притоа им биле одземени компјутери, бироа, принтери, тие обвинија и дека министерот преку Фондот за здравство ја преиспитувал здравствената состојба на оние кои тогаш користеле боледување и преку смс порака им било побарано да се раздолжат при што им биле исклучени службените телефони.

Министерот овие обвинувања ги негираше и побара нивно извинување во спротивно најави тужби.