ЧЛЕНОТ НА ИК НА ВМРО ДПМНЕ, БОГДАНОВ, ГИ ПОВИКА ВМРОВЦИТЕ ДА ИЗЛЕЗАТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ!

0
866

Почитувани пријатели, почитувани сопартијци од ВМРО ДПМНЕ

Пред да одлучите како ќе постапите во недела на 30 септември 2018 година, кога за прв пат оваа генерација има можност заеднички да покаже државотворен капацитет, и да ја исполни превземената обврска со Резолуцијата 817 на ОН од 1993 година, имајте го во предвид следното:

1. Република Македонија самата превзеде меѓународна обврска уште пред 25 години, дека во најбрзо време ќе го промени уставното име Република Македонија;

2. Република Македонија ја превзеде таа обврска со цел да биде примена во членство во ОН, и со тоа признаена и препознаена како самостојна држава од страна на останатиот свет;

3. Признавањето на државноста преку ОН, во тоа време, беше единствениот пат кој го гарантираше опстанокот на државата и нејзината иднина;

4. Република Македонија ја декларираше својата евро-атлантска ориентација уште во 1993 година;

5. ВМРО ДПМНЕ во своите статутарни акти се залага за интеграција на државата во ЕУ и НАТО и владеење на правото, вклучително и почитување на меѓународно превземените обврски;

6. Исполнување на превземената обврска од 1993 година, значи промена на уставното име Република Македонија;

7. Промената на уставното име е мачен процес кој предизвикува негативни емоции кај сите граѓани во државата, а не само кај нашите членови и симпатизери;

8. Времето не работи за нас, туку против нас. Република Македонија во изминатите 27 години се обиде сама да се изгради како просперитетна држава, без да ја исполни превземената обврска, но не успеа. За жал, по речиси сите параметри за благосостојба, сме на самото дно во Европа.

9. Единствена реална алтернатива за брз општествен напредок, и одлепување од дното, е членството во НАТО и ЕУ, како врвен државен приоритет.

10. Членството во НАТО и ЕУ води само преку исполнување на обврската од 1993 година, а тоа е промена на уставното име Република Македонија.

11. Суштински елемент во договорот од Преспа е промената на уставното име Република Македонија. Што значи дека членството во НАТО и ЕУ води единствено преку прифаќање на договорот од Преспа.

12. Дури и да ја оставиме превземената обврска од 1993 година на следните генерации, и по цена да останеме заковани на европското дно уште 27 години, треба да бидеме свесни дека поинаков/подобар компромис нема да се постигне.

Дали ќе ја превземете одговорноста сега, во недела, да ја исполниме обврската и ширум да ги отвориме вратите кон НАТО и ЕУ, или тоа ќе го оставиме за некои следни генерации, под потешки услови, е ваше право.

Јас одлучив да не бегам од одговорноста!

Фејсбук статус на членот на ИК од ВМРО-ДПМНЕ Костадин Богданов