ЦИВИЛ со поддршка на штрајкот на новинарите од МПМ

0
293

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја изразува својата максимална поддршка за 120-те новинарки и новинари, вработени во изданијата на „Медиа принт Македонија“ (МПМ), кои веќе две недели штрајкуваат за остварување на своите работнички права и добивање на неисплатените плати и хонорари.

Овој третман на вработените е непримерен и неприфатлив!

Една голема компанија како МПМ не смее да држи во толку долго во неизвесност и несигурност стотици еминентни новинари и медиумски работници и грубо да ги крши нивните работнички и човекови права, доведувајќи ја во прашање иднината на овие луѓе и нивните семејства.

Го потсетуваме менаџментот на МПМ дека неисплаќањето на платите, хонорарите и регресот за годишен одмор е казниво со закон.

Бараме оваа голгота на медиумските работници да има итна разрешница!

Заканите, притисоците и уцените врз новинарите треба веднаш да прекинат и да се почитува нивното право на штрајк, како и сите останати права во доменот на социјалната правда. За правото на слободно изразување и да не говориме!

Повикуваме на солидарност, не само од новинарската фела, туку и од граѓанките и граѓаните, бидејќи новинарките и новинарите на „Вест“, „Утрински весник“ и „Дневник“, и покрај штрајкот, а во интерес на јавноста, продолжуваат да работат и да произведуваат содржини за весниците и за нивната публика, иако се соочуваат со неизвесна иднина.