Царовска: Го решаваме проблемот на лицата познати како фантоми, ќе може да ги остваруваат основните граѓански права

0
138

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска го посети Ромскиот едукативен центар „Амбрела“ во Шуто Оризари. Оттука информираше за Предлог законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, којшто Владата го усвои на последната седница.

„Го решаваме долгогодишниот проблем на лицата неевидентирани во матична книга на родени, познати како фантоми. Овие луѓе премногу долго живееја на маргините на нашето општество. Со новиот Предлог закон кој го утврдивме на Влада им овозможуваме да ги остварат своите основни права. Право на здравствена и социјална заштита и редовен работен однос, а децата ќе можат да се вклучат во образованиот процес“, истакна Царовска.

Управата за водење на матични книги во соработка со МТСП  на 1-ви април 2018 година објавија Јавен повик до сите лица коишто живеат на територијата на Република Северна Македонија, а не се евидентирани во Матичната книга на родени. Тие беа повикани да дојдат во канцелариите на матичните служби за да пополнат Прашалник во кој ќе ги наведат своите податоци. Јавниот повик траеше до 1-ви ноември 2018 година и беа пријавени 700 лица.

Податоците од пополнетите Прашалници се внесуваат во посебен Електронски регистер. Врз основа на овој регистер, Управата за водење на матични книги на овие лица ќе им издава привремен Извод на родени и МВР ќе им издава привремена лична карта. На овој начин ќе можат да ги остварат сите права кои им следуваат како граѓани на оваа држава.

Остварувањето на овие права и овој статус овие лица ќе го имаат се до обезбедувањето на потребните документи за нивна регистрација во редовната матична книга на родени.