Хојт Ји му порача на режимот: Да не се опструира Јанева и да се осигура дека сите официјални претставници ќе одговараат за своите дела во согласност со владеењето на правото!

0
21

САД се стратегиски партнер на Македонија. Вашингтон како пријател ги следи сите аспекти за одржување на фер и демократски избори на 5 јуни, изјави Брајан Хојт Ји, заменикот помошник државен секретар за Европа и за Азија во американскиот Стејт департмент по средбата со техничкиот премиер Емил Димитриев, пренесува „Мета“.

– Доколку сите ги извршат своите обврски, не постојат никакви пречки за одржување на изборите во договорениот термин – рече Хојт Ји.

Тој додаде дека одблиску ги следат специфичните проблеми, а тоа гo вклучува избирачкиот список кој е во процес на прочистување.

– Драго ни е што е почната вкрстена проверка, а исто така ги набљудуваме и реформите во медиумите и улогата на медиумите за обезбедување фер поле за изборите. Одблиску гледаме и на целокупната атмосфера во која гласачите треба да можат да гласаат слободно. Сметаме дека е многу важно сите страни да соработуваат со работата на специјалната обвинителка за нејзината работа да биде без политичка вмешаност и независна – изјави Хојт Ји.

Тој рече дека сите институции и политичките партии треба да ја почитуваат работата на Јанева, а секој кој згрешил и е одговорен за политичката криза во земјава треба да одговара во согласност со владеењето на правото.

– На сите наши состаноци истакнуваме дека е многу важно да се поддржи Специјалното обвинителство, да се поддржи владеењето на правото и да се осигура дека сите официјални претставници ќе одговараат за своите дела во согласност со владеењето на правото. Мислам дека нашата порака е разбрана од сите политички партии и очекуваме да го поддржат Специјалното обвинителство, а ние ќе го набљудуваме тоа и ако забележиме прекршувања или опструкции, ќе дадеме совет како треба да се постапи понатаму – заклучи Хојт Ји.

Извор: Мета