Хајндл: Излезот од политичката криза е содржан во Договорот од Пржино

0
80

Специјалниот пратеник на германскиот министер за надворешни работи Франк Валјтер Штајнмаер, амбасадорот Јоханес Хајндл, смета дека има излез од политичката криза кој е содржан во Договорот од Пржино, што за него е добра вест во случајот, но лошата вест е што овој процес е блокиран, кризата продолжува да трае, а времето истекува, пренесува „Мета“.

– Мојата проценка е дека Договорот од Пржино треба да се реафирмира бидејќи обезбедува рамка за процесот на реформи важни за наоѓање излез од кризата и за напредок во евро-атланските интеграции на земјата – рече Хајндл.

Амбасадорот Хајндл посочи три точки што се важни да се спроведат без одложување.

– Прво, партиите треба да се договорат за датум за изборите и да го направат тоа што е потребно за спроведување слободни и фер избори. Второ, на Специјалното јавно обвинителство мора да му биде овозможено да работи без опструкции и, трето, партиите мора да се договорат без одложување за спроведување на реформите нотирани во извештајот на Прибе. Потребно е лидерите на партиите да го стават интересот на земјата на прво место и да ги спроведат потребните реформи – подвлече Хајндл.

Амбасадорот не сакаше да одговара на новинарски прашања. Тој кажа дека имал плодни разговори со лидерите на четирите политички партии, со претседателот Ѓорге Иванов и со министерот за надворешни работи Никола Попоски. Тој уште еднаш ја поздрави одлуката на претседателот за целосно поништување на аболицијата, додавајќи дека тоа ќе овозможи фокус на оние прашања што се клучни за иднината на земјата.

Извор: Мета