(ФОТО) ПРИЛЕПЧАНИ ГО ФАТИЈА КРСТО, СРЕЌНИКОТ Е СТУДЕНТОТ БОБАН ЈОСИФОСКИ

0
323

По повод празникот Богојавление – Водици, денеска 105 млади прилепчани, од кои дури 14 девојчиња, скокнаа во водата на базенот од аквапаркот кај хотелот „Салида“, со желба да го фатат крстот. Најмногу среќа и умешност прв да доплива до крстот, имаше Бобан Јосифоски, кому ова му беше десетти обид.

„Скокам десетти пат, оваа година била моја среќа да го фатам светиот крст. Имам 22 години, студент сум на факултетот за безбедност и очекувам да имам здравје, среќа и бериќет“, изјави Јосифоски.

Честитајќи им го празникот на прилепчани, градоначалникот Илија Јованоски, на Јосифоски му посака многу здравје и среќа во тековната 2019 година.

„За нас христијаните, Богојавление-Водици е еден од најголемите празници, а секако најголем за Бобан Јосифоски кој што денеска го фати крстот. На сите вас ви посакувам добро здравје, среќа, радост, благосостојба, љубов и меѓусебно почитување. На Бобан му посакувам ова да не му биде последен пат, а на останатите учесници кои не го фатија крстот, им посакувам наредната година да имаат повеќе среќа“, рече градоначалникот Јованоски во своето обраќање пред присутните.

На фрлањето на крстот, покрај градоначалникот Јованоски, присуствуваа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски, советници, претставници на бизнис секторот и голем број граѓани на Прилеп.