(ФОТО) По повод Светскиот ден на аутизмот Струмица светна во сино

0
645

Општина Струмица во соработка со Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“ се вклучи во светската кампања насловена „Да осветлиме во сино“, а по повод Светскиот ден на аутизмот. Синоќа во знак на поддршка на лицата со аутизам, дел од плоштадот „Гоце Делчев“ светна во сина боја, призната и омилена боја на овие лица. Со тоа градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица уште еднаш ја потврдија континуираната поддршка на децата со аутизам.

1

Струмица е првата општина во Република Македонија која што отвори паралелка за децата со аутизам. Tоа е направено уште во учебната 2006/2007 година и од тогаш овие деца се вклучени во образовниот процес. Тие први „историски“ чекори кои беа направени во Струмица, временски не се разликуваа многу од периодот на глобалното освестување за аутизмот како брзорастечко нарушување меѓу светската популација, што резултираше со одлуката на Генералното собрание на Обединетите Нации од 2007 година, да го прогласи 2. април за Светски ден на аутизмот.

Дека таквиот ангажман на општина Струмица и градоначалникот Зоран Заев продолжува понатаму, сведочат и обезбедените општински буџетски средства за проектот „Сензорска соба“ за потребата на децата со аутизам.