(ФОТО + ВИДЕО) МАКЕДОНИЈА СТАНУВА ГОЛЕМО ГРАДИЛИШТЕ: Премиерот Заев со министерот Сугарески и директорот Китанов на одбележувањето на изградбата на патот Штип – Радовиш

0
342

Стартуваше изградбата на првата фаза од експресниот пат Штип-Радовиш во должина од 23,5 километри, кој се протега од клучката кај штипското село Софилари до клучката кај радовишки рудникот „Бучим“.

Увид на почетокот на градежните работи во близина на штипското село Долани денеска извршија премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и градоначалниците на општините Штип, Радовиш и Конче.

Патот ќе биде со ширина од 11,5 метри и ќе има 11 мостови, од кои еден во должина од 320 метри. По него ќе може да се вози со 110 километри на час.

Заев истакна дека изградбата на  патот е од исклучителна важност за граѓаните на источниот и југоисточниот регион, кои ќе имаат и побрз транспорт на земјоделските и индустриските производи.

– Навистина ова патно решение е многу значајно, заради тоа што јас реков дека сум еден од секојдневните корисници на овие патишта и знам, колку е важно да биде безбеден патот. Само струмичкиот регион има 120 милиони евра извоз на земјоделски раноградинарски производи, радовишкиот регион има некаде преку 40 милиони евра, штипскиот регион во делот на извозот учествува преку стотина милиони евра. Сето тоа е девизен прилив за граѓаните на Република Македонија и за билансната сметка на државата, со вакви брзи делници, каде што брзо би можело да се стасува – рече Заев, потенцирајќи дека очекува патот да биде мотивација за зголемување на протокот на стоки и патници.

Министерот Сугарески потенцира дека изградбата на овој експресен пат е од исклучителна важност за граѓаните на источна и југоисточна Македонија, кои ќе се поврзат и со автопатот Штип-Миладонвци. Тој забележа дека околу 320 милиони евра ќе се инвестираат во изградбата на експресните патишта низ истокот и југоистокот и во изградбата на автопатот Штип-Миладиновци.

– Настојуваме колку што можеме да правиме колку што е можно повеќе автопатишта и експресни патишта. Честопати сме прозивани од опозицијата, каде се тие. Да, интензивно се градат, еве сакаме и од ова место да одговориме тука, бидејќи она што видливо е видливо. Ако сега одиме низ цела Македонија се гледа дека и во делот на капиталните инвистиции, во делот на железницата, водоводите и канализациите интензивно се градат. Тоа е видливо и тоа не може да се сокри – забалежа Сугаревски.

Како што информира директорот на ЈП за државни патиштан Зоран Китанов, првата фаза од изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш во должина од 23,5 километри е комплетно нова траса и во неа ќе се инвестираат околу 27 милиони евра. Изведувачот ќе биде обврзан по изградбата да го одржува патот пет години, што е новина.

–  Пред неколку дена добив одобрение, согласно нашите добри препораки од ЕБОР, за вториот дел на овој пат Штип-Радовиш во износ од 17,5 километри. Тоа е на потегот од Три Чешми до почетокот на овој пат и од после Бучим до излезот на Радовиш. Веќе е упатен повикот до градежните претпријатија да тендерираат, да учествуваат и што е многу поволно и добро овој пат треба да се гради три години, а рокот за вториот дел кој треба да почне следната зима или напролет е две години – рече Китанов.

Експресниот пат го гради фирмата „Штрабаг“.