ФОНДАЦИЈАТА „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“ ДОДЕЛИ 40 НОВИ СТИПЕНДИИ

0
326

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и единаесетта година по ред, доделува стипендии на студенти на Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Годинава, доделени се 40 нови стипендии на 12 студенти на Фармацевтскиот и 28 студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје.

Согласно објавениот јавен конкурс, изборот на стипендистите за учебната 2018/2019 година е усвоен од страна на Управниот одбор на Фондацијата, по предложената прелиминарна листа од Kомисиите за распределба на стипендии. Во составот на комисиите влегуваат претставници од Фондацијата, од двата факултети, како и претставници од редовите на студентите.

Согласно програмските политики за поддршка на млади и амбициозни кадри кои своите кариери ги посветиле на македонското здравство и фармација, почнувајќи од учебната 2009/2010 година, Фондацијата „Трајче Мукаетов“, доделува и еднократна парична награда на првенците на генерациите на Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет при УКИМ, во висина од 1.200 евра во денарска противвредност. Годинава, еднократна парична награда ќе добијат: Филип Илиевски од Фармацевтскиот факултет, со просек 9,78 и Марија Тодоровска од Медицинскиот факултет, со просек 9,83, кои се и досегашни стипендисти на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.

„Во насока на исполнувањето на начелата за општествена одговорност, работењето на Фондацијата за компанијата ‘Алкалоид’ и за мене лично, претставува особена гордост. Стимулирањето и наградувањето на младите таленти се надевам дека ќе биде мотив повеќе за испорачување на уште подобри резултати и уште повисоки идни дострели во областа на македонското здравство и фармација. Како компанија, особено сме горди што во изминативе 11 години имаме вложено над 1,35 милиони евра во стипендирање идни лекари и фармацевти; за 9 години дониравме над 24.000 евра за награди на првенците на генерациите на Медицинскиот и Фармацевтскиот Факултет при УКИМ а преку хуманитарните настани организирани под закрила на Фондацијата во изминативе 8 години дониравме околу 115.000 евра“ – изјави г. Живко Мукаетов, Претседател на фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на компанијата „Алкалоид АД Скопје“.

Почнувајќи од учебната 2007/08 година, Фондацијата стипендира/ше вкупно 458 студенти по фармација и медицина, вклучувајќи ги и новите 40 во учебната 2018/2019. Од нив, 185 студенти по фармација и 160 по медицина се веке дипломирани. Доколку ги исполнат предвидените услови, на стипендистите им продолжуваат стипендиите и во текот на наредната учебна година.

Од 2009 година до денес, својата кариера во „Алкалоид“, во одделите на сегментот Фармација ја започнале 69 од стипендираните студенти на Фондацијата, и тоа 64 студенти од Фармацевтскиот факултет и 5 студенти од Медицинскиот факултет.

Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци. Имињата на стипендистите ќе бидат објавени во печатените медиуми, а Извршната канцеларија на Фондацијата ќе ги контактира за потпишување договори за стипендирање.

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е основана со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид АД“ Скопје во мај 2007 година. Фондацијата има за цел стипендирање, донирање и финансирање талентирани доктори и фармацевти, како и финансиска поддршка на проекти од овие две области. Досегашните проекти претставуваат доказ за остварување на заложбите на Фондацијата за поддршка на фармацијата, медицината и науката, пред сѐ преку поддржување на млади, амбициозни кадри кои својата кариера ја посветиле на овие дејности.