УРКО МУ СВРТЕ ГРБ НА ГРУЈО, НЕ СЕ ПОЈАВИ НА СУД ДА СВЕДОЧИ ВО НЕГОВА КОРИСТ

0
761

Дејан Митревски – Урко беше долгогодишен шеф на обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски. (архивска фотографија)

Дејан Митревски – Урко, долгогодишен шеф на обезбедувањето на експремиерот Никола Груевски, не е дојден на денешното рочиште за предметот на СЈО „Тенк“ за нелегалната набавка на скапиот мерцедес за МВР по нарачка на Груевски.

Судијката Добрила Кацарска праша кај е сведокот, кому судот му испратил покана, но обвинетиот Груевски и адвокатите не знаеја.

„Јавете му се, најдете го и кажете му во текот на денот да дојде во Основниот суд Скопје 1. Во спротивно, судот ќе го отповика од сослушување овој сведок“, рече Кацарска.

Урко е еден од новата група од 8 сведоци, кои на прашања на адвокатите, раскажуваат колку биле расипани и ризични ВИП-возилата во МВР, во насока дека требало да се купат нови. И денешната група сведоци на обвинетиот исто како и минатите 11, главно членови на обезбедувањето на Груевски и на министри од неговата бивша влада, раскажуваат опасни случки поради старите возила во МВР.

Груевски во холот на судот се поздрави со секој од денешната група нови сведоци. Тие го прашуваа: „Како сте претседателе?“.

Во моментов зборува шефот на обезбедувањето на второобвинетата Јанкулоска, за тоа како се нашле среде престрелка на вооружена криминална банда. Дека немало блиндирано возило, Јанкулоска, рече сведокот, ја скриле во некој објект.

„Тогаш реков мора да се купи блиндирано возило“, рече сведокот, кој бил шеф на обезбедувањето на Јанкулоска.

Обвинителите на СЈО второ рочиште по ред ги слушаат разните случки низ сведочењата. Тие досега не им поставија ниту едно прашање.

„Ние никогаш не сме рекле дека не требало или требало да се набави ново блиндирано возило во МВР. Ние велиме постапката за набавката на луксузниот мерцедес е незаконска, повреден е Законот за јавни набавки. Груевски влијаел да се изврши кривичното дело и тоа ќе го докажеме, а не дали имало потреба или не од нови возила“, велат од СЈО.

Извор: СДК