УБК цела година крие од Собранието со која опрема прислушува

0
145

Една година Собраниската комисија за контрола на работата на УБК не ги добива информациите, кои писмено ги побарала да ѝ се достават, за да може да изврши инспекциски надзор во Управата, што беше и нејзина обврска со Договорот од Пржино. Претседателот на Комисијата, пратеникот Хари Локвенец, и останатите членови велат дека веќе и не се надеваат оти до распуштањето на Парламентот директорот на УБК ќе им ги прати информациите, кои им беа неопходни за да може да ја посетат Управата, јавува порталот СДК.

“Попрво тие податоци ќе ги добие јавноста, за комплетно да се доурниса безбедносниот систем, или да се одолговлечи судскиот процес за уништување на списите од прислушуваните разговори, бидејќи судијата Лидија Петровска, што го води случајот со уништување на списите, бара од Специјалното обвинителство да ги декласифицира доказите. Така декласифицирани, информациите потоа ќе ѝ бидат достапни на целата јавност“, укажува пратеникот од СДСМ Хари Локвенец, претседател на Комисијата за надзор на работата на Управата за безбедност и контраразузнавање.

Останува нејасно и натаму која опрема УБК ја ништела, а која не, дали навистина израелската опрема е целосно уништена, а британската не, со каква опрема моментално се следат комуникациите, каква друга опрема била набавувана во меѓувреме, како одат налозите за следење, дали тоа било контролирано во УБК, или прислушувал кој стигнал, кој ги вршел злоупотребите, дали граѓаните на земјава масовно се прислушуваат и во моментов од Петтата управа…. Комисијата и Парламентот се надлежни да го утврдат тоа, но ова раководство на УБК, исто како и претходното, предводено тогаш од Сашо Мијалков, никогаш не ги пушти пратениците да влезат и да ги истражат злоупотребите.

Членовите на Комисијата лани беа во УБК, но само на иницијативен состанок со директорот Љупчо Андоновски, кога од него ја добиле само организационата структура и поставеност на Управата. Комисијата тогаш донесе заклучок дека за да направи инспекциски надзор, потребни ѝ се документи и сознанија, па испрати список за што точно бара точни информации од УБК. “Побаравме податоци за затекнатата опрема за прислушување во 2006 година, список со набавена опрема за следење што се случило во меѓувреме, потоа список со расходуваната опрема во меѓувреме и список со моменталната опрема за прислушување што се користи во Управата. Покрај ова, за актуелната опрема со која се врши следење, побаравме упатство за употреба на опремата од производителот. Побаравме и податоци за сите внатрешни процедури, протоколи и подзаконски акти, врз база на кои функционира Управата“, вели Локвенец.

За сето ова, како одговор на нивното барање, директорот Андоновски испратил извештај на три страни, во кои немало одговор на ниту едно од барањата на членовите на собраниската комисија за надзор на работата на УБК, тврди Локвенец.

“Година дена ние ги немаме добиено овие податоци кои ни се потребни да извршиме инспекциски надзор. Комисијата одлучи воопшто да не оди без потребните информации. Без нив, ние би биле како Алиса во земјата на чудата“, вели Локвенец.