Убиството на Асани – поради крвна одмазда или бидејќи не исполнил одредени обврски?!

0
335

Дали крвната одмазда е резултат само на бавната истрага на надлежните институции за претходни убиства или ќе се случела дури и со брза и ефикасна истрага – е прашањето што се поставува во струшката јавност по убиството на заменик директорот на УЈП, Аргетим Асани, односно Артан Муслиу, пишува Дојче веле.

dui struga

„Убиството во Струга најпрвин е доказ дека институциите не функционираат како што треба, а кога тоа се случува, на сцена се појавуваат вонинституционални и застарени мерки и методи, како што е впрочем и крвната одмазда. Ако полицијата успееше да го расветли во еден разумен рок исчезнувањето на Уран Купа кој беше најден мртов во февруари годинава и ги казнеше неговите убијци, тогаш неговото семејство можеби немаше да се одлучи да постапи на таков начин“, коментираат во струшката чаршија. Но, извори добро упатени во односот на неодамна убиениот заменик директор на УЈП, Аргетим Асани, со врвот на ДУИ и со неговиот „минат труд“, посочуваат и други можни мотиви.

„Има сериозни индиции и сомневања дека Аргетим Асани воопошто не бил вмешан во убиството на Купа, туку дека политички и полициски структури го убедиле во тоа неговото семејство, со цел да го мотивираат да му се одмазди. Причина за тоа е што Асани во последниот период ‘се дистанцирал’ и не исполнил одредени обврски што ги преземал пред тие структури, па ова било полесен начин да се пресметаат со него, а притоа и да се спасат од можноста тој да проговори за одредени работи“, посочуваат овие извори.

Според нив, најлошото во овој случај, е што покажува дека е изгубена довербата на граѓаните во правната држава, а со оглед дека тој имаше голем одек во јавноста, се стравува дека може да охрабри и други граѓани да ја земаат правдата во свои раце. Други, пак, сметаат дека убиството во Струга не може да се смета за крвна одмазда.

„За крвна одмазда има правила, а убиствата не се вршат на улица или без предупредување до семејството кое треба да плати во крв за претходна жртва, според канонот на Лек Дукаѓини“, изјави за ТВ „Телма“, Селами Алиу од Движењето за национално помирување за крвна одмазда. Според него објаснувањата на семејството Купа дека убиството во Струга е одмазда не се вклопува во дефиницијата на крвна одмазда, бидејќи е извршено на јавно место каде можеле да настрадаат случајни минувачи.

„Кога не функционираат институциите, кога не е задоволена правдата, илузорно е да се очекува да функционираат некакви правила за крвна одмзада“, коментираат нашите соговорници. Велат дека не ја оправдуваат одмаздата, но го разбираат гневот на оштетените.