Уапсен “НЕДОПИРЛИВИОТ” ОЛИГАРХ Орце Камчев

0
3306

Бизнисменот Орце Камчев е еден од приведените по истрагата на СЈО наречена „Империја“, поврзана со перење пари, злоупотреба на службата и повластување на доверители, дознава „Макфакс“. Меѓу уапсените е и Цветан Панделески, кој е бизнис-партнер на Камчев и татко на Дејан Панделески, кој е кумашин на поранешиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

СЈО од 6 часот утринава вршеше претрес во „Орка холдинг“, компанијата на бизнисменот Орце Камчев. Од СЈО ја потврдуваат информацијата, а Камчев беше недостапен за да каже од кои причини компанијата е под лупа на обвинителството.

Вработени во „Орка холдинг“ за „Макфакс“ сведочат дека обвинители од СЈО се влезени во главните простории на компанијата со асистенција на одделот за сузбивање организиран криминал и корупција, а дека другите компании во објектот работат нормално.

СЈО по спроведена предистражна постапка отвори нова истрага под кодно име „Империја“ против Орце Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“.

„Оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Во текот на предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија, како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост“, стои во соопштението на СЈО.

„Во текот на денешниот ден од страна на ова Јавно обвинителство, во соработка со МВР, беа извршени 12 претреси и лишени се од слобода пет осомничени лица, кои во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и за кои ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство. Во скоро време се очекува и проширување на истрагата кон нови лица и за нови кривични дела, а во насока на обезбедување на имотно-правните барања од оштетените лица и обезбедување на предметите кои потекнуваат од кривичните дела ќе бидат побарани и мерки за привремено обезбедување на имот“, додаваат од СЈО.