Трајанов: Федерализацијата е стара приказна од 2001, кога Груевски беше министер

0
147

Павле Трајанов, носител на кандидатската листа во првата изборна единица во Скопје на Коалицијата за промени и правда, вчера на прес конференција рече дека веќе подолго време во јавноста се шпекулира и експлоатира тезата за некаква федерализација и кантонизација на Македонија.

– Ова е стара приказна, која влече корени од 2001 година, кога раководството на ВМРО – ДПМНЕ, каде беше член и Никола Груевски, порачаа од МАНУ, проект за размена на територии и население, како и карти, за тоа како треба да се направи поделбата на Македонија.

Тие што заговараа поделба и разнебитување на државата, обвинуваат дека некој друг сака да го направи тоа.

Губитниците во политиката, кога немаат концепт за излез од кризата што ја генерирале или се фатени на дело во тежок криминал, се повикуваат на патриотизам, грижа за државата, како и тоа дека државата е загрозена од странски сили.

Нашиот став е кристално јасен и чист: “Ние сме за Унитарна Македонија и најенергично ги отфрламе идеите за федерализација и кантонизација или било какви други поделби на државата и граѓаните.”

Инаку, наш врвен приоритет е стабилноста и економскиот развој.

Меѓу другото, ќе спроведеме референдум за работното време да почнува во 07:00 часот.

Тоа навидум е ситна работа, но од тоа зависи квалитетот на животот на семејството и посебно грижата за децата.

За нас е најважен човекот и семејството, затоа предлагаме вакви решенија.

Силата е кај граѓаните и затоа водиме сметка за нив.

Предлагаме и други промени корисни за граѓаните: 100 денари такса за остварување права пред судот, намалување на казни за физички и правни лица за две третини, укинување на радиодифузна такса и др.

Коалицијата за Промени и Правда има одличен концепт за економски пресврт, во кој меѓу другото предвидуваме отворање на 30.000 мали фирми во кои ќе се вработуваат од 3-5 млади кадри, како и 2% од Буџетот за вработување и други проекти, повторно за невработените – млади и стручни кадри.

“Не се плашете, режимот ќе падне!” – порача Трајанов.