Судот го одложи рочиштето за обвинението на СЈО против Груевски и Јанакиески

0
347

Судското рочиште по обвинението на СЈО за насилствата во Општина Центар е одложено од 21 ноември за 16 декември, 5 дена по изборите, по барање на Никола Додевски, адвокатот на еден од обвинетите, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пренесува „Мета“.

Кривичниот суд информира дека адвокатот Додевски писмено побарал од Основниот суд Скопје 1 да се одложи рочиштето затоа што бил спречен да присуствува поради настан на кој бил поканет пред да ја добие поканата за закажаната главна расправа.

„Адвокатското друштво Никола Додевски со писмен поднесок го извести Основниот суд Скопје 1 – Скопје дека адвокатот Никола Додевски, бранител на М.Ј., е спречен да присуствува на закажаната главна расправа бидејќи истиот е организатор и ќе учествува на дводневна работилница за имплементација за Законот за одмерување казни, организирана од Адвокатската комора на Р.М., Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје и Бирото за меѓународна борба против наркотиците и спроведување на законите“, соопштуваат од судот.

Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи на средината на септември на прес-конференција ги презентираше првите две обвиненија на СЈО, едното за уништување документација поврзана со опремата од нелегалното прислушување, а второто за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година.

За насилствата пред Општина Центар на обвинителна клупа треба да седнат актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, и ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Специјалното јавно обвинителство веднаш по поднесувањето на обвинението побара изземање на судијката Лидија Петровска, но претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, го одби барањето, а неговата одлука ја потврди и Апелацискиот суд Скопје.

Лидија Петровска беше спомената во една од „бомбите“ што лани ги објави СДСМ, во разговор воден меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во кој се тврди дека Петровска местото го добила со купување подароци од брендот „Сваровски“ за претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.

Кривичниот суд на 28 ноември го закажа судењето за другото обвиниене на СЈО, за уништување на документација поврзана со опремата за нелегално прислушување. Меѓу обвинетите е и поранешниот директор на петтата управа, Горан Грујовски.

Извор: Мета