Сугарески: Во Македонија нема да се градат ниту кампови ниту станови за мигранти и бегалци, ВМРО-ДПМНЕ ја манипулира јавноста

0
282

Разговараше: Зоран Милошески

Ќе гради ли Македонија кампови и станови за бегалците и мигрантите? Со чии пари ќе се гради пругата кон Бугарија? До каде се работите со автопатот Кичево-Охрид и експресниот пат Градско-Прилеп? За овие прашања и за некои други теми и дилеми, разговаравме со министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија, Горан Сугарески.

Публикум: Ајде уште во самиот старт на нашиот разговор да ја расчистиме дилемата: ќе се градат ли во нашата држава кампови и станови за бегалци?

Сугарески: Не! Во Република Македонија нема да се градат ниту кампови, ниту станови за мигранти и бегалци. Камповите и становите ги има само во валканата кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквите ноторни лаги и манипулации имаат за цел да ја дефокусираат јавноста од сѐ поголемиот број на докази кои излегуваат на површина, а кои го “разголуваат“ 11 годишно криминално владеење на Никола Груевски и врхушката на ВМРО-ДПМНЕ.

Публикум: Министерство кое Вие го водите е честа мета на напади на довчерашната власт, чиј “гнев“ го навлековте уште со Вашите први излегувања во јавност, особено со информациите поврзани со изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Во која мери се сериозни пропустите кои вашиот претходник и Владата во која тој партиципирал ги направиле при изградбата на автопатот?    

Сугарески: Претходната Влада направила катастрофални грешки и пропусти при изградбата на овој автопат кои граѓаните на Македонија ќе ги чини дополнителен трошок од 120 милиони евра. Заради лошото планирање и лошата изведба, доаѓа до појава на свлечишта и лизгање на земјиштето, до поместување на страничните делови на патот и затрупување на делницата, што е најизразено на делницата Кичево-Пресека. Тоа се должи на отсуството на геотехнички и геомеханички испитувања на земјиштето како и на неизвршеното геолошко бушење на теренот. Фактот дека заради таквите пропусти цената на чинење на тунелот во близина на местото Извор од првичните 30 милиони пораснала на 89 милиони евра, е најдобар показател каков бил пристапот при изградбата на автопатот. Она што за мене е најсимптоматично, е што и Груевски, и Мисајловски и другите одговорни лица знаеле за проблемите и грешките, но не презеле ништо за нивно решавање.

Публикум: После подолго време го актуализиравте проблемот со изградбата на пругата кон Бугарија. Со кои пари ќе се гради пругата?

Сугарески: Она што во контекст на прашањето прво би сакал да го истакнам, е парафираниот Договор за основање транспортна заедница помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, како и усвојувањето на оперативна Програма за транспорт 2014-2020 со која во областа на транспортот се обезбедени 108 милиони евра. Од нив, 60 милиони евра се за доизградба на пругата кон Бугарија, поточно делницата од Крива Паланка до Деве Баир, 40 милиони евра се предвидени за патишта а остатокот за техничка помош. Истовремено, на Самитот во Трст Македонија доби неповратни средства, грант во висина од 70 милиони евра за доизградба на пругата, средства кои ќе бидат искористени за изградба на делницата од Бељаковце до Крива Паланка.

Согласно потпишаниот Меморандум за соработка за железничко поврзување, односно доизградба на Коридорот 8 меѓу Македонија и Бугарија, се обврзавме нашиот дел до границата со Бугарија да го доизградиме до 2025 година, додека пак Република Бугарија тоа ќе го направи до 2027 година.

Публикум: Вашите сограѓани, прилепчани, посебно се заинтересирани за изградбата на патот Градско-Прилеп. Минатата недела во име на Владата на РМ го потпишавте билатералниот договор со ЕУ за кофинансирање на дел од овој пат. Кои се придобивките од Договорот?

Сугарески: Потпишаниот Договор е од исклучително значење за модернизирање на патната инфраструктура во Пелагонискиот регион. Конкретно, со него ЕУ на Македонија ѝ додели грант од 35,4 милиони евра за изградба на експресниот пат Градско-Прилеп и тоа на делот од Градско до Дреново. Исто така сакам да истакнам дека обезбедивме и дополнителни 5 милиони евра за изградба на третата лента од Прилеп до Раец, со што делницата Градско-Прилеп ќе биде целосно заокружена. Со тоа ќе се подобри протокот на стоки и услуги во Пелагонискиот регион и значително ќе се подобри комуникацијата на граѓаните на Кавадарци, Неготино, Прилеп, Битола, Крушево, Ресен, Охрид и другите населени места со Скопје, а воедно и со источниот дел од нашата држава.

Публикум: Како генерално ја оценувате работата на новата Влада? Задоволни ли сте од постигнатите резултати за време на досегашниот мандат?

Сугарески: За помалку од 3 месеци реализиравме повеќе работи кои им ги ветивме на граѓаните за време на изборната кампања: минималната плата ја зголемивме на 12.000 денари, го донесовме популарно наречениот Закон за стечајци со кој 3.000 лица месечно ќе добиваат по 7.596 денари, ја вративме дневната евтина тарифа на струјата, ја укинуваме радиодифузната такса, ги намаливме цените на услугите на Катастарот до 50% и им вративме дел од овластувањата на геодетските фирми на кои претходно истите им беа одземени. Интензивно работевме и на развојот на авионскиот сообраќај, односно на отворањето нови авионски линии со кои нашата држава се поврза со значајни дестинации во Европа и светот. Тука би ја издвоил директната авионска линија Доха-Скопје која ја воспоставивме во соработка со „Катар ервејз“.

Вклучувајќи ги и погоре споменатите активности околу изградбата на пругата кон Бугарија и патот Градско-Прилеп, тоа се само дел од оние “видливите“ резултати на нашето работење. Во деновите кои доаѓаат граѓаните ќе ги почувствуваат придобивките од напорите кои Владата на премиерот Заев ги прави за подобрување на бизнис климата во државата, за подобар животен стандард на граѓаните, за враќање на довербата во државните институции. Сето тоа е направено за помалку од 100 дена, период во кој опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ секојдневно ја опструира работата на Собранието, кога манифестира крајна деструктивност и се обидува со тешки манипулации да продуцира незадоволство кај граѓаните. Сигурен сум дека граѓаните умеат да го вреднуваат постигнатото, да ја видат нашата искреност и посветеност во желбата да ја вратиме земјата на вистинскиот колосек и да направат разлика во начинот на водење на државата помеѓу поранешната и актуелната Влада. Впрочем, победата која СДСМ и коалициските партнери ќе ја остварат на 15 октомври, ќе покаже дека работите одат во вистински правец.

Извор : Публикум.Мк

СПОДЕЛИ