Стапи на сила Договорот од Преспа, Македонија стана Република Северна Македонија

0
182

Владата преку соопштение извести дека од денеска стапува на сила Преспанскиот Договор. На веб-страната на Владата, од вечерва стои „Влада на Република Северна Македонија“.

„Известуваме дека од денес, 12 февруари 2019 година, влегува во сила Конечната Спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за Безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, што Министерството за надворешни работи соодветно го објави во Службен весник“, велат од Владата.

Оттука известуваат дека се исполнети условите за влегување во сила на амандманите на Уставот на Република Северна Македонија.

„Известуваме дека се исполнети условите за влегување во сила на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија и Уставниот закон за спроведување на амандманите од ХХХIII до ХХХVI на Уставот на Република Северна Македонија, што Собранието на Република Северна Македонија ги донесе на 11 јануари 2019 година. Истите влегуваат во сила денес, на 12 февруари 2019 година со соодветната објава од страна на Владата во Службен весник“, се наведува во владиното соопштение.

Со тоа, како што додаваат од Владата, почнува извршувањето на обврските кои произлегуваат од Конечната Спогодба и Уставните амандмани. Првичните одлуки во врска со потребните мерки и активности за извршување на обврските ќе бидат презентирани во соопштение за јавноста кое ќе го објави Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба.